Се разбира дека Фенти доби модна награда

Модниот бренд на Ријана - Фенти, доби награда во категоријата Урбан Лукс на модните награди што се доделуваа синоќа во Ројал Алберт Хол во Лондон.

Претходно беше номинирана за соработката Фенти Х Пума во 2017-та. Награда доби и Наоми Кемпбел, за „Модна икона”, се заблагодаруваше долго и на колешките Линда Еванџелиста, Кејт Мос и Кристи Тарлингтон и на Џани Версаче и повика на разноликост во индустријата и на сите други полиња.

Адут Акеш зема награда за манекенка на годината, Џорџо Армани за исклучителни достигнувања (му ја доделија Џулија Робертс и Кејт Бланшет). Потписниците на договорот за климатски промени од модниот свет, на чело со Стела Макартни, Бурбери и Најк добија награда за позитивни промени.

„Ни требаат лидери од истакнати и влијателни индустрии како модата, да се вклучат вистински и се надеваме дека оваа иницијатива ќе нè упати во вистинска насока,” изјави Роберт Скинер, извршен директор на Канцеларијата за партнерства на ОН.

Назад на Ријана, со Фенти, стана прва црна жена на чело на голема модна куќа, а преку козметичката компанија, Фенти Бјути со филозофијата „нијанси за сите”, помогна во демократизацијата на шминката, вклучувајќи повеќе нијанси на пудра од кога и да е и од било која друга козметичка компанија.

„Некои луѓе ја наоѓаат својата нијанса за прв пат, и се потресуваат на каса,” објаснува Ријана за Тајм. „Тоа е нешто што никогаш нема да го надминам.”

Натера и други брендови како Мек, Кавергрл и Мејбилин драматично да го зголемат бројот на нијанси што го нудат.

Во септември, извади и линија долна облека, претставена преку модели во најразлични бои и величини, што беше жив контраст наспроти Викторијас Сикрет чија претстава за она што е убаво се смета за застарена и неинклузивна.

После шоуто за колекцијата, Ријана вака кажа:

„Не ми е гајле за било какви слаби Викторијас Сикрет манекенки… Има многу жени во светот што се во мрак и се чувствуваат невидливи и си викаат ‘Не можам тоа да го носам затоа што не сум така градена.’ Овде сте безбедни, кај мене.”

3 декември 2019 - 14:24