Простете ѝ на Џорџина Чепмен

Модниот женски папа Ана Винтур во нејзиното јунско уредничко писмо, меѓу другото замоли и да не ѝ се лутиме на Џорџина Чепмен. Тажното е што Џорџина Чепмен не ја ни знаевме како дизајнерка, пред да ни кажат медиумите кој ѝ е маж, и пак не ја знаеме по работата. Затоа што мажот е Харви Вајнстин.

Само неколку дена после нејзината Мет Гала со католичка тема, каде што Скарлет Јохансон носеше фустан од отуѓената сопруга на Вајнстин (има муабет дека Винтур мора да ги одобри тоалетите пред настанот), најголемиот авторитет во модниот свет му се обраќа на светот со уредничко писмо и статија во Вог, со поддршка за Џорџина Чепмен, тврдејќи дека е невина.

Во писмото го опишува нејзиното долгогодишно пријателство со Чепмен, за која вели дека била „скоро нема од шок, во обид да ги процесира емоциите - лутина, вина, одбивност, страв” тогаш кога избија скандалите. Цврстиот тон во писмото остава малку простор за дебата - според неа, Чепмен е „во основа доста старомодна”, „добра ќерка” која пораснала во „добра сопруга” (јее, феминизам!) - и со тоа ја нуди како верзија на женска доблест и потчинетост што веднаш нè става во прашалници како е објавено во современо списание од страна на една од најмоќните и највлијателните жени на светот. Понатаму тврди дека „Џорџина немала поим за однесувањето на нејзиниот сопруг” и дека „да ја обвинуваме за нешто, како што многумина направија, е погрешно”.

Од толку обвинети, не е дека многу луѓе се сетија да гаѓаат со дрва и камења и по Џорџина Чепмен.

На Стела Багби од The Cut не ѝ се слуша баш:

„Не ја обвинувам Џорџина Чепмен,” почнува таа во своето излагање. „А не сум ни убедена дека има потреба да ѝ се даде простор во Вог.

Харви уништи животи и кариери и трагично е што тоа го вклучува и неговото семејство. Но тоа не значи дека повеќе заслужуваат социјална рехабилитација од неговите други жртви. Кога Ана Винтур ќе ги стави Ешли Џад, Роуз Мекгоуан, Росана Аркет, Мира Сорвино или било која од тие десетици жени кои излегоа да го обвинат - на насловна, тогаш можеби и ќе ѝ аплаудираме на напорот.

Наместо тоа, во писмово, Винтур се поставува себеси до Чепмен: Двете му беа блиски на Харви и двете тврдеа дека не знаат ништо за неговите злосторства, но имаа придобивки од неговата моќ. Само погледнете го списокот на старлетите на Вајнстин по насловните на Вог, некои облечени и во Марчеса (брендот на Чепмен). Замолувајќи нè да ѝ простиме на Чепмен, Винтур замолува да и простиме и нејзе.”

Само што нема доволно доблест да зборува во свое име и да се спушти на ниво на некој што погрешил. Папата не греши, нели.

И не е прв пат Винтур да застане во одбрана на засрамен дизајнер или да поддржи сомнителни луѓе во име на модата. Сличен случај е добротворната турнеја за Џон Галијано што ја започна, после неговите анти-семитистички изјави во еден париски ресторан.

Во ’95-та отиде на една емисија, наводно да разговара за септемвриското издание на Вог, за да стане јасно, за многу кратко време зошто е стварно дојдена: Да одговара прашања за еден моден скандал на Келвин Клајн.

За што се работи: Келвин Клајн имаа кампања со референци за детска порнографија и јавноста ич не беше расположена да се зеза на таа тема. Властите отворија и истрага за проверка дали рекламите повредуваат некои од законите за детска порнографија (излезе дека не). Рекламите инаку не се како денешните со „црнче и белче што носат несреќно избрани маици”. Напротив, нивната намера не е толку дискутабилна.

Ана Винтур рече, „Јас не гледам ништо лошо.” Објасни и дека модата е една голема провокација и ја искара американската јавност дека се такви примитивци. Во тоа време Келвин Клајн е еден од најјаките огласувачи во Вог.

Багби завршува:

„Модата прави лицемери од сите нас во одреден момент. Земаме пари од компании со чија политика не секогаш се согласуваме, или омилени ни се проблематични брендови - јас се уште го сакам Галијано. (И Off Cafe го сака Галијано). Но ова не е дизајнер со талентот на Галијано. Кариерата на Чепмен е финансирана и воопшто возможна само затоа што беше мажена за моќен човек со еднавко моќна пријателка од светот на модата. И истата таа пријателка ја враќа на црвениот тепих, каде што многу актерки беа принудени да носат нејзини фустани - без разлика што била поврзана со силеџија. И вака Ана Винтур избира да ја користи сопствената моќ.”

14 мај 2018 - 14:11