Печатената верзија на Teen Vogue оди во пензија

Кога се дозна минатата недела дека Конде Наст го праќа Тин Вог во историја, општата реакција беше „Зошто сега, кога баш добро му иде на брендот?” Но за првата генерација читатели што лепеа постери и исечоци по кревети и ѕидови, неговото значење воопшто не зависи од релевантноста.

„Имаше нешто посебно во чувството физички да држиш списание,” вели Ана Фицпатрик, фриленс писателка од Отава, за чувството што сите го знаеме и го памтиме. „Да го разменуваш со другарки, да го читаш на одмор во школо, особено кога си срамежлив, затворен тинејџер како мене.”

Нејзините омилени списанија биле YM и Elle Girl. За нејзе, Тин Вог бил „за побогатите девојчиња, но сепак визуелно бил многу јак, па можеле да се прават инспиративни колажи.”

Овој опис не е многу далеку од визијата на Ана Винтур, кога го направи овој Вог спиноф во обид да ги претвори адолесцентките во лојалисти на Конде Наст. Во 2003-та, Винтур за Њујорк Обзервер изјави дека сакала да го опфати „огромниот број на млади жени кои не биле вклучени до сега, а се софистицирани, заинтересирани за мода, и ја купуваат, а кои другите списанија не ги опфаќаат” – млади жени како ќерка и Би Шефер која тогаш имаше 16 години.

Тин Вог станува инкубатор за луѓе што сега ги нарекуваме влијателни. Ева Чен, одговорна за модни партнерства на Инстаграм била уредник за убавина баш таму. Емили Вајс, основачката на Into the Gloss и директорка на Glossier стажирала кај нив.

Винтур ја назначува Ејми Астли, уредник за убавина во Вог да го надгледува Тин Вог. Неговите мали страници се исполнети со висока мода, својствена за мајка му - обичниот Вог, и чини долар ипол (или, колку едно лабело, според медиумскиот критичар Дејвид Кар). Веб страницата што следуваше стана зборно место за младите.

Арабел Сикарди, исто така писателка, изјави дека пред да почне да ги чита форумите на Тин Вог, на модата и убавината како теми гледала како да се туѓи.

„Никогаш не би помислила дека модата ќе ми биде интересна, па тоа што имав луѓе на моја возраст за разговор и споделување на интерпретации на модата беше нешто што навистина ми беше драго,” вели таа. По некое време станува блогер и ја има и во Тин Вог. Подоцна, списанието ја вработува како стажант и редовен пишувач.

„Тин Вог ми е семејство,” вели Сикарди. „Пораснав во тие ходници. Веројатно сум подолго таму отколку што сум била во училница.

Илејн Велтерот, вториот и последен водач на печатеното издание ѝ била менторка на Сикарди. Презема водство од Астли во 2016-та и станува главен уредник во сред мрачна клима насочена кон списанијата (И Космогрл, Тин Пипл и Ел Грл пропаднаа).

До неодамна беше најмлад главен уредник на Конде Наст (со 30 години), стана и Инстаграм лице и добиваше пофалби за новиот, „освестен” тон на списанието. Тин Вог 2.0, како што го имаше замислено, не беше само за облека и шминка; имаше и вести, политика и социјална правда.

Во нејзината прва година, Астли истакнува колку е важно да создаде производ кој е, „расно, етнички и модно разнолик. Не можеме да кажеме дека некој е или не е Тин Вог.” Списанието влегува на ова поле кога миленијалците штотуку почнуваат да си ги документираат животите на интернет, со ЛајвЏурнал и Мајспејс и други платформи кои продолжуваат да ги заменуваат печатените публикации и покажуваат диверзитет уште поефективно.

Дури во 2015-та, после цела деценија најчесто бели, главно популарни ѕвезди од насловните страници, Тин Вог го смени курсот со насловна со три, слабо познати црни манекенки. Изданието беше најпродавано таа година, подвлекувајќи го апетитот за модни списанија кои рефлектираат верзија на реалниот живот.

„Секогаш сум била квир, неконформистичко дете, па и возрасна,” вели Кејт Лесниак, издавачката на Бич Медиа. „Никогаш не ме интересирале таквите списанија затоа што не се гледав себеси во нив на ниеден начин.”

Но неодамна, Лесниак забележува промена во тонот и презентацијата на Тин Вог. „Во последните година ипол – две, стана мејнстрим печатен медиум кој рефлектираше и луѓе како мене. Тин Вог заврши одлична работа со тоа што им даде глас на сите луѓе (не само на белците) и ЛГБТ заедницата.”

Тоа претставување дојде во форма на статии кои критикуваат расна бесчувствителност и објаснуваат како да се биде сојузник на трансродовата заедница, како и водич за анален секс, кој доби измешани критики, повеќето од возрасни. Велтерот вклучи и актерки-активистки како Роан Бланшард, Хари Неф и Јара Шахиди, кои сега се неофицијални амбасадори на брендот пред нивната комбинирана бројка од милиони следачи.

Читателите и обожавателите го оплакуваат печатеното издание на Тин Вог после објавата. Ќе продолжат да се објавуваат статии онлајн, што ги остава Севентин и Ј-14 како единствени мејнстрим лајфстајл списанија за таа возраст.

22 ноември 2017 - 13:11