Падот на Харви Вајнстин: Кога жените зборуваат, а јавноста слуша

Утрово, Мерил Стрип даде изјава за Хафингтон Пост во која го осудува холивудскиот продуцент Харви Вајнстин за неговото наводно сексуално малтретирање на најмалку осум жени.

Прво, бројката – осум. Зборуваме за еден од најбогатите и највлијателните луѓе во Холивуд, со пристап до еден куп млади жени, надежни актерки и амбициозни кариеристки. Просто е језиво да се замисли колку многу повеќе од осум биле подложени макар и на непоканет допир од Вајнстин, а ич да не правиме муабет за понатаму.

„Срамните вести за Харви Вајнстин нè шокираа нас кои сме работеле со него, и чии што добри и вредни каузи тој ги поддржал,” вели Мерил Стрип во изјавата. „Храбрите жени кои го кренаа гласот за да го разоткријат се наши херои... Ваквото однесување нема оправдување, но злоупотребата на моќ е веќе позната работа. Секој храбар глас што ќе се чуе и ќе го забележат медиумите ќе ја промени играта.”

Тоа што Мерил Стрип се пријави дека ги чула овие жени одекнува насекаде, после бомбастичниот извештај на Њујорк Тајмс, каде што се истражуваат децении сексуално малтретирање од страна на Вајнстин.

Самиот Вајнстин даде изјава како одговор на извештајот, каде што не ги одрекува обвинувањата. Се извинува за неговите дела, признавајќи дека начинот на кој се однесувал со неговите колешки во минатото „предизвикал многу болка”. Го цитира Џеј Зи: „Не сум човекот што мислев дека сум, а подобро да сум таков заради моите деца.” Истакнува колку многу ги почитува жените.

И провлекува еден мал, прилично глуп изговор:

„Јас доаѓам од ’60-ти и ’70-ти кога правилата за однесување на работа беа поинакви. Таква беше културата тогаш.”

Одборот на директори на неговата компанија го отпушти три дена подоцна.

„Меѓу себе зборуваме за Харви многу долго време,” раскажува Ешли Џад која лично се нашла во непријатна ситуација со Вајнстин, „и веќе одамна требаше да разговараме за тоа јавно.” Кажува и дека Вајнстин ја напаѓал многу често, користејќи ја неговата моќ во филмската индустрија за пазарење. Актерката Роуз Мекгоуан која се има спогодено со него за 100.000 долари на суд, исто така се отвори во серија твитови.

Жртвите на Вајнстин не се единствените кои го кренаа гласот. После Мерил Стрип, се пријавија уште неколку големи имиња кои ги искористија своите платформи на социјалните мрежи да го осудат.

Ова е пример за позитивната моќ на шок-машината на интернетот. Наместо да се изгуби гласот низ многуте интернет простори, се добија реки поддршка и повици за солидарност, за да можат тие кои решиле да прозборат – да бидат слушнати.

Тоа е спротивно на The Braindead Megaphone, метафора смислена од Џорџ Сондерс, која објаснува како медиумите ги шират информациите и го оформуваат начинот на кој луѓето размислуваат, се однесуваат и формираат мислење. На мегафонот во приказната на Сондерс му откажува мозокот затоа што приоритет му е да ги отупи сетилата на сметка на вистината и фактите. Во случајов, мегафонот служи за што подалеку да се рашират гласовите против Вајнстин, и целата приказна дека во такви мултимилионски индустрии „тоа така функционира.”

Жените прозбореа, а интернет машината ги слушна. Вајнстин е отстранет со право. Серијата на последици покажува дека во постојаната кампања да се поддржат жртви на сексуално малтретирање и да се осудат оние кои малтретираат, не постои нешто како премногу врева.

10 октомври 2017 - 09:58