Па, по список да идеше, немаше толку да покрие

Освен што во CV има тату-артист и шминкер со глобална популарност, сега Кет Вон Д може да додаде и „трудна веганка, што нема да се пораѓа на доктор, туку со бабица и дула дома, што детето ќе го расте на веганска исхрана и нема да го вакцинира.” И ставот и е нешто како, „знам дека мислите дека сум глупа”. Па, сега.

„Од првиот момент кога ја објавив бременоста, знаев дека ќе ме бомбардираат со непоканети совети,” си напиша идната мајка на социјалните мрежи. „Некои се добри, некои се чудни - но секако не сум ги барала. Бев и подготвена за критиките што ги добивме откако решивме да бидеме отворени за нашиот пристап кон бременоста. На пример мојот роден татко ми збесна кога му кажав дека нема да се пораѓам во болница, туку дома со бабица.”

Овде се поставува едно прашање, кое често избива на површина кога се работи за луѓе кои ги милуваат оние горенаведени категории. Ако знаеш дека те чека река од мудрувања и коментари на „заблудени луѓе” за твојот „врхунски истражен и паметен и никој-не-може-да-те-разубеди-дека-не-е-така животен стил, зошто тогаш јавно да споделуваш? Зошто здрава нога во трн?

Но добро. Продолжува:

„Ако не знаете како е луѓето околу вас да мислат дека сте глупи, пробајте да бидете отворено веган. А, ако не знаете како е цел свет отворено да ве критикува, да ви суди и да се расфрла со неинформирани мислења и да ве пцуе - пробајте да бидете труден веган, со природно породување дома, во вода, со бабица и дула, кој има намера да го храни детето вегански, без вакцинирање.”

Ух.

Фановите ги замолила да си го задржат мислењето за себе.

Значи, објавила реферат за нејзината бременост, начичкан со контроверзни размислувања, планови и баш закачки за интернет толпи, за на крај да ги замоли фановите „да си го задржат мислењето за себе”. А легендата вели дека некој некогаш јавно кажал „анти-вакцини”, „веган”, и „дете-веган” и никој ништо не рекол. Мда.

„Веќе ми е јасно како е да се носат животни одлуки што не се исти како на мнозинството,” пишува таа. „Така што вашите негативни коментари нема да влијаат на мојот избор; туку истражување и себеобразување, и тоа посветено го правам. Ова е мое тело. Ова е наше дете. И наше патешествие со бременоста… Така што, пред да се инспирирате да ми кажувате како да го правам ова, ќе ве замолам да ги задржите критиките за себе. Што е поважно, тие што ми праќате позитивна енергија, со задоволство и со љубов ја прифаќам.”

Интернетот лом.

Во каков свет живее Кет Вон Д и во која димензија мислеше дека со објава што ги содржи клучни зборови за шитсторм - луѓето ќе се воздржат, не се знае.

Како и да е, ете во вакво време живееме.

8 јуни 2018 - 13:07