Островот за жени и разликата меѓу феминизам и елитизам

Некаде кај Финска, има приватен остров, опкружен со Балтичко море, што е забранет за мажи и само одбрани неколку жени со пригодно огромни сметки во банка смеат да стапнат на него. Се вика SuperShe Island (леле, леле) и е меѓународна станица, или штаб, како сакате, на заедницата SuperShe.

А ич не е романтично како што звучи. SuperShe е скапа нетворкинг група за богати жени. Ако имате 4000 евра за трошење и ви се оди на ригорозно интервју, ви се нуди шанса да поминете една недела на „велнес” одмор, далеку од мажи, додека се мешате со влијателни жени.

Пред да почнат да се лутат мажите, треба да разјасниме дека SuperShe островот не е производ на ум што мрази мажи; далеку од тоа. „Жените треба да се дружат со други жени. На одмор со мажи сме повеќе на игли, без разлика дали треба да ставиме кармин или да се покриеме со нешто.”

Така викаат од таму. Нудат и многу јога (легално ли е воопшто да не вежбаш јога на вакви скупштини, уствари?) и многу „вежби за подобрување на животот” и когнитивни вежби за разбивање на негативните мисли. И органска храна.

Затоа што жени не сакаат да пијат, да дремат на плажа и да јадат Мекдоналдс. Не, не. Ако има само жени, и ако е тоа женски остров, мора да се јаде алги и да се пие вода со краставица. И да се растураат негативни мисли.

Како што ќе рече една новинарка на Гардијан, Арва Мадави, колку повеќе читаш за островот, толку понегативни мисли ти доаѓаат:

„Каков е овој фејк феминизам? Кажете ми дека не е уште еден пример на ново место само за жени кое се претставува како јако и empowering, а всушност е елитистичко?”

Не е прво вакво - Има Винг, ексклузивен ко-воркинг простор само за жени во Лондон, за 1800 фунти годишно и има листа на чекање за него. Па ОлБрајт клуб за жени исто така во Лондон, неодамна отворен, и бара најмалку 975 фунти за членарина. Па првиот исклучиво женски фестивал закажан за август, карта 225 фунти, со тоа што нешто од профитот ќе оди во добротворни цели, па добро. И уште има, само што заклучокот е тој: се предизвикуваат оние „само машки” клубови од времето.

„Не сум против места кои се ексклузивно за жени. Сè уште живееме во свет на бели мажи и важно е малцинствата и жените да имаат места што само ним им припаѓаат, каде што се безбедни, ги ценат и можат да бидат свои. Но овој тренд за скапи, женски нетворкинг простори ми се згадува, особено што често го користат феминизмот како маркетинг финта, зборуваат за сестринство кое очигледно се грижи само за веќе богати жени. Тоа не е феминизам. Мене ми изгледа дека овие места само ја кочат половата еднаквост,” завршува Мадави.

4 јули 2018 - 17:42