Невидливата предност

Твитер знае да биде глуп, ама повремено се искупува со одлични примери од животот што нè тераат да ги разгледаме работите од поинаква перспектива.

Така, еден Мартин Р. Шнајдер, во нишка на Твитер раскажува за една ситуација што подоцна станува експеримент на работа, за да долови со какви глупости се соочуваат жените на работно место и колку мажите имаат неправедна предност.

Почнува вака:

„Никол и јас работевме за мала фирма и шефот секогаш се жалеше за една работа: нејзе ѝ треба премногу време кога работи со клиенти.

Јас ѝ бев претпоставен и ова не ми личеше на некој посебен проблем. Мислев дека јас работам побрзо затоа што имам поголемо искуство.

Еден ден, се допишував со клиент за неговото резиме и беше НЕВОЗМОЖЕН. Груб, безобразен, игнорираше прашања, ми кажуваше како неговите методи се по стандарди (не беа) и како не ги разбирам термините што ги употребува (ги разбирав). Почна да ми курчи, и тогаш забележав нешто. Заради заедничкиот инбокс, сум ги потпишувал сите мејлови со 'Никол'.

Значи тој всушност бил непријатен со Никол, не со мене. Од љубопитност, напишав ‘Еј, овде Мартин, ќе го преземам проектов од Никол.’

ИНСТАНТНО ПОДОБРУВАЊЕ. Позитивен прием, благодарност за сугестии, одговара веднаш, кажува ‘одлични прашања!’ Станува совршен клиент.

Важно: не сменив ни техника ни совети. Единствената разлика беше што сега сум со машко име.

Па, направивме експеримент. Се сменивме со имињата на две недели. Јас се потпишував како Никол. Таа се потпишуваше како мене.

Луѓе.

Ужасно беше.

Пекол. Сè што ќе предложев беше доведено до прашање. Клиенти што сум ги работел во сон ме потценуваа. Еден ме праша и дали сум сингл.

Никол ја имаше најпродуктивната недела во кариерата. Сфатив дека ѝ требало подолго време затоа што се мачела да ги убеди клиентите да ја почитуваат. Додека таа да натера еден клиент да прифати дека знае што прави, јас веќе бев на втор.

Воопшто не ме биваше повеќе од нејзе, само ја имав оваа невидлива предност.”

Нека ви текне на ова следниот пат кога ќе разговарате со жена во професионално опкружување.

14 март 2019 - 00:00