Непријатната вистина за мајчинството

Авторката Луси Елман на тема мајчинство го кажа она што, божем, никако не смее да се каже. А реално, на светот одамна му е потребна ваква храброст.

„Жена кога пишува долга книга, тоа се смета за храбро, па и за нечуено, дури,” вели британската авторка Луси Елман, веројатно од искуство: нејзиниот најнов роман, Ducks, Newburyport има 1000 страни и е напишан во една реченица, која ја пишува мајка на четири деца од Охајо. Книгата е номинирана и за Букер награда, ама не е само тоа „невидена работа”, туку и коментарите на Елман околу мајчинството, во едно интервју за Гардијан.

„Гледаш како жени забременуваат и знаеш дека ќе бидат емотивно и интелектуално отсутни 20 години,” вели Елман. „Мислата, знаењето, возрасниот разговор и витална политичка активност се сите на пауза додека непотребното продолжување на видот станува приоритет. Да раѓаш е силен импулс, и за простување е, но истовремено е и само навика, традиција, како правење свадба или ставање сол на пуканки.”

Се разбира, Твитер беше непријателски настроен кон оваа изјава - главно мајки и креативци се обидуваа да аргументираат дека нивниот интелект не трпи заради децата, што е фер. „Фан сум на Луси Елман, но овие коментари не ѝ се баш паметни. Лудо е да налагаш дека жените ментално се исклучуваат кога ќе родат,” твита една писателка, Елизабет Морис. „Не гледам како може некој да тврди дека е феминист и да кажува вакви работи,” додава историчарката Шарлот Лидија Рајли. Трет коментар вели, „Излудев обидувајќи се да замислам какви би ѝ биле мислите и знаењето на Луси Елман ако имаше родено.”

Елман сепак е мајка, но тој последниот коментар е воочлив, не само затоа што го кажува маж, туку затоа што е со претпоставка дека човек со деца не може смисли нешто критичко и комплицирано за институцијата мајчинство.

Се инсистираше и дека мајките-писателки и други мајки што работат надвор од дома се и повеќе од ефикасни, креативни и вредни во достигнувањето на нивните цели. Некои ја истакнаа и премиерката на Нов Зеланд која бебето си го донесе на Собрание на ОН. Тој оптимизам, дека постои способноста да ги оствариш најлудите соништа, без децата да те спречат во тоа може да е вистина за тие жени, но не е реален за секого. За Елман, на пример, не е, а на Елман ѝ се приклучува и Мишел Руиз од Вог:

„Не ме навредува што ја читам Елман како вели дека мајчинството може да ти го намали капацитетот да бидеш најдобра што можеш да бидеш надвор од дома; напротив, се чувствувам препознаено. Не би рекла дека сум интелектуално отсутна или политички неактивна, но не би рекла ни дека сум 100% тоа што мислам дека можам да бидам. Работата е што, дури и со помош за детето и со партнер со кој ги делиме обврските, се мачам да бидам продуктивен автор и да бидам политички ангажирана и постојано не успевам да направам колку што би сакала затоа што голем дел од моето време, енергија и простор во глава е посветен на грижа за мали деца.”

Разговорот што се води на тема мајчинство станува малку пореален, но сепак на крај се очекува да се наслика оптимистична слика. Смееме да кажеме дека е тешко и да се буниме што не ни е доволно платено времето како мајки, но само до одредена точка. Секое жалење е внимателно украсено со заклучок дека сепак, многу си ги сакаш децата. А реалноста е дека и двете страни се вистина: Децата ги сакаш до болка, а истовремено, тоа што си мајка многу те уназадува во намерата да се оствариш во професијата онака како што си замислил.

Елман укажува на табуата што го ограничуваат начинот на кој мајките можат да зборуваат за мајчинството.

„Луѓето не зборуваат доволно колку е родителството заморно, досадно, фрустрирачко, скапо е неблагодарно. Зошто упорно да се преправаме дека е врв на радост? Да, има прекрасни елементи: децата се мили и фасцинантни, и ако имаш твои деца, можеш пак да си играш со играчки и да читаш детски книги и да се потсетиш на твоето детство. Но болестите, грижите, конфликтот, гужвата, постојаното готвење, возење, губење на приватноста, поттиснувањето на сопствената сексуалност, дилемите околу образование, недостатокот на опции за вработување и тоа лудило на адолесценцијата - сето тоа уназадува.”

Има долга историја на автори и уметници кои се мачат со идејата на мајчинство и уметност. Тоа е дискусија што треба да продолжи, но ако е искрена, мора да се остави простор за жени како Елман да кажат и по некоја мрачна вистина.

13 јануари 2020 - 09:44