Не ти е паметно тоа шпиунирање на бившата на дечко ти

Бројот на достапни методи за следење некого онлајн во денешно време е запрепастувачки. Ги имаш очигледните - Инстаграм, Снапчат, Фејсбук, Твитер, Гугл Алерт (ако ептен сакаш да знаеш сè). Па, има и помалку очигледни - Венмо, Снап мап, заеднички албуми на Ајфон (ова прв пат чуле, ама ете, го има). И веројатно уште неколку што само вие си ги знаете.

А социјалните мрежи буквално како да се осмислени за сталкинг. Како да сакаат да им водиш сметка и на тие што ги знаеш и на тие што ти се скроз непознати. Задоволуваат љубопитност, те носат од хаштаг до геотаг додека не најдеш каде точно „сестрата на другарот на братучед ти била на одмор со помалиот брат на нејзиниот професор по математика”.

Ова ви е веќе јасно, но вреди да се потсетиме дека иако нагонот да се следи бившата на партнерот на социјални мрежи ве тера да се чувствувате како манијак, сепак - покажува дека сте луѓе. Социјалните мрежи им олеснуваат на луѓето да се доближат до други луѓе.

Сепак, луѓе или не, не значи дека не е штетно.

Постојат многу провалии при следење на социјални мрежи, но најголемата од сите е да се споредуваш себеси и твојот живот со некој друг и неговиот живот. И тоа е практично неизбежно кога се работи за бивши партнер на твојот партнер. Во моментот, ти си таа што ја окупира нејзината поранешна позиција и самото сфаќање на оваа едноставна вистина е една Пандорина кутија полна со можности за површни споредби. Некои ти се достапни и надвор од компјутер и телефон, ама фактот што постојат социјални мрежи ти ги става на тацна пред тебе, секој ден и тоа може да биде исцрпувачко. Исцрпувачки е рутински да се споредуваш со некој друг, да се држиш за минатото и да дозволуваш умот да ти шета по најмрачни сценарија.

И зависност се создава - се провоцира еден посебен вид на возбуда, што носи и адреналин и слошување во исто време - како да читаш трач за себе, или како да изедеш цела бонбоњера сам. Тешко е да се запре, и затоа треба да го направиш тешко и за почнување од старт.

Една опција е да се блокира личноста што ти е неодолива за следење на социјални мрежи, ама па, блокот е лесен за отстранување, па од таму е и полесно да почнеш пак.

Ако не ви успева да престанете, одете подлабоко. Запишете ги сите сомнежи што тоа непотребно следење ви ги всадило, за вас или вашата врска. Размислете дали нешто од тоа е валидно, и ако е, разговарајте со партнерот. Можеби ваков разговор ви бил потребен цело време, па нагонот да се следи бившиот партнер е уште едно нешто во долгата низа потсетници дека е во ред да побарате што ви треба, дури и ако тоа е нешто едноставно како потврда дека сè е во ред.

6 септември 2019 - 00:00