Кристен Рејтер:

Не сакам деца и доста ме убедувате дека ќе се предомислам

Дали ви се верува дека сè уште е прифатливо, и не само што е прифатливо туку и најнормално да мислиш дека имаш право да кажуваш како другите треба да си го решат животот? И дека овој пораз на човештвото опфаќа и да имаш мислење дека една жена треба по секоја цена да роди, само затоа што - може?

Статистички, една од пет жени во Америка нема да има биолошко дете, што од личен избор, што од други причини. Од тие со изборот, на TED Talks доаѓа Кристен Рејтер, со нејзината одлучност дека дете во животот нема да има, и многу важната дискусија за тоа колку е алармантно што луѓето си дозволуваат да ѝ кажуваат дека не е во право.

Од потрагичните прашања што ѝ ги поставиле кога отишла да се пријави за стерилизација е и: „А што ќе правиш ако смениш партнер и тој сака деца?”

Логиката што им бега на ваквите створења е дека нема кој друг да се прашува на таа тема.

Како што некои се грижат за глобалното затоплување, други се грижат за пренаселеност.

Како што некои викаат дека „ќе се снајдат”, други ги мерат финансиите, условите и способноста за донесување еден цел човек на свет.

И како што едни сакаат, други не сакаат.

Уште колку години се потребни за да се разбереме дека туѓите животни планови не се наша работа?

16 мај 2018 - 11:15