Модната блогерка поткована во музеј

„Има нешто многу интересно во работење со мода на начин кој не го дефинира цената,” вели Анум Башир. „Во ред е да сакаш Прада, Шанел и Кензо, но јас сакам да мешам луксузно и евтино - активно одлучувајќи да пробувам и да поддржувам нови брендови.”

Основачката на Desert Mannequin, кој е инаку еден од најбитните модни блогови на Блискиот исток е посветена на фалење на чудни брендови како J.W. Anderson и Dries van Noten и споделување на најдобрите продавници во нејзиниот „посвоен” град.

По студиите по новинарство во Карнеги Мелон и успешната кариера во уметничкиот свет на Катарскиот музеј, Башир е спремна да ја истражи модата и тоа не само како хоби. Работата во музејот, каде што имала прилика да биде блиску до Марина Абрамович (се усреќила), Мијуча Прада и Рикардо Тиши, ѝ ги отвора очите за потенцијалот на една онлајн платформа каде што може да се искористи нејзиното знаење и од двете области. „Работата во Катар ми помогна да се развијам и да се истакнам на начин на кој мислам дека во Њујорк не можев во тоа време,” раскажува Башир. „Ми се склопија коцките да можам да бидам во музејот шест години и на тој пат сфатив дека, ‘Еј, сега мислам дека можам конечно да ги венчам љубовта кон уметноста и љубовта кон модата.”

Desert Mannequin доаѓа во време кога има релативно малку блогери на Блискиот исток. Иако врие од инфлуенсери на социјални мрежи, сајтот на Башир има посебна публика, со шарените едиторијали и долгите содржини кои вклучуваат теми кои допираат до секого. „Со обична дискусија сфатив дека нешто фали во тој регион,” вели таа. Сака да креира приказни кои таа би сакала да ги прочита, што би значело дека си ја разголува душата во ненајавени сесии каде што одговара на прашања, или отвора дискусии за модниот бизнис. „Во секое време се надевам дека ќе донесам нешто повеќе и дека ќе имам интересни содржини. Не знам дали некој околу мене воопшто и има вебсајт. Сите едноставно постојат на Инстаграм - некогаш ми е неверојатно тоа.”

А не било секогаш лесно да се искачуваш. На пазар каде што функционира намонтирано лице или Кардашијановиден аутфит, брендови кои не се толку извикани тешко се продаваат. „Сè уште гледаш како секој втор или трет во мол се шета со Биркин, или носи неверојатно скап саат,” вели Башир, објаснувајќи дека искусила обратен културен шок кога се вратила на Блискиот исток после живеење во Америка. „Куповната моќ е огромна. Отворено се натпреварувачки настроени, на пример, ако дојдеш некаде на вечера и другарка ти носи Маноло Бланик од 1200 долари, обавезно реакцијата е, ‘А, утре морам да излезам и да купам два пара.’ Тука настапува Desert Mannequin. Гледаме да ја смениме таа култура.”

Башир го гледала луксузниот пазар на Дубаи како расте уште од почетокот на нејзиниот проект, со сè повеќе жени кои се префрлаат од луксузни марки и Биркини, на брендови со помодерна нишка. За Башир, која се облекува во нови и штотуку излезени дизајнери, ова ѝ е супер знак за иднината. „Гледаме дека луѓето почнуваат да менуваат, во однос на личниот стил. Помлади марки како Марјам Насир Заде или Елери сериозно почнуваат да градат база на лојални муштерии во регионот,” објаснува таа. „Сепак, жените овде сè уште се врзани до традиционалните стандарди на она што е елегантно, или фино или модерно или убаво.”

И на крај вели,

„Да те бива за бизнис, значи да ја забележиш празнината и да се обидеш да ја пополниш најдобро што знаеш. Сакам сајтот да продолжи да биде фино место каде што луѓето ќе доаѓаат и ќе се инспирираат и сакам модата секогаш да биде интересна, а сајтот да фрла светло на одличните брендови кои ги наоѓам и интересните луѓе кои ги среќавам.

13 септември 2018 - 12:51