Миленијалците се најголеми клиенти за висока мода

Илјадници часови рачна работа, закажување за земање мерки и чекање по 12 месеци за еден фустан: вака сме навикнати дека изгледа светот на високата мода и на прв поглед ич не е соодветен за денешно време, кога пазариме со еден клик. А сепак, процентот на миленијалци што пазарат баш на високо расте и тоа брзо.

Заедно со генерацијата Z, потрошувачката моќ на миленијалците ќе зафати 45 проценти од глобалниот пазар за луксузна роба до 2025-та, според едно истражување. Во свет на брза мода и демократизиран луксуз, многу миленијалци се одлучуваат за искуство наместо производ - и бутиците мораат да се трудат да бидат покреативни ако сакаат да ги намамат муштериите и да ги оддалечат од едноставноста на онлајн шопингот. А баш е атрактивна опцијата тебе лично да ти земат мерки за нешто, и тоа цел тим од дизајнери и шивачи.

Не е тајна дека миленијалците меѓу 19 и 35 години имаат големо влијание на индустријата за луксузна мода веќе некое време, со кршење дрес-кодови и влијаење на хибридни стилови на облекување. Сакаат облека која во основа е реална и практична и истовремено забавна и незадолжителна. Сега се најголем демографски сегмент - денес имаме околу 2 милиони миленијалци - и нивните желби и шеми за трошење ќе го движат производството во следните дваесет години. А имаат и најголема потрошувачка моќ, па јасна е логиката.

„Работиме со голем број миленијалци,” објаснува претставникот на Maison Rabih Kayrouz, чиј што основач е поранешен дизајнер на Шанел и Диор, познат по екстравагантни и декоративни креации. „Околу 25 проценти од муштериите се меѓу 20 и 30 години, а 35 проценти се до 40-годишна возраст.”

Истовремено, додека миленијалците ја влечат високата мода во 21-виот век, се однесуваат и како познавачите кои ги памтиме од некои поранешни времиња, со тоа оддржувајќи го бизнисот и зачувувајќи ја уметноста за некои идни генерации. На пример Венди Ју, ќерката на најголемиот призиводител на дрвени врати во Кина има страст за несекојдневни парчиња облека, која се раѓа на еден начин својствен за илјадници - собирала странски Вогови и уживала во модата по нивните страници. Сега има компанија за инвестиции во мода. Во плакар има Шанел, Диор и Валентино, па и помали брендови како Виктор и Ролф и Скиапарели.

Според нејзе, привлечноста лежи во честа и привилегијата да работиш еден на еден со дизајнер за да креираш нешто сосема твое, парче што ќе ја премине границата од облека во уметничко дело вредно за колекција. „Еден од омилените фустани,” вели таа, „ми е еден прекрасен од Диор, сличен на тој што Џенифер Лоренс го носеше на Оскарите во 2013-та. Се правеше шест месеци и на проба одев 5 пати.”

Кога се работи за зачувување на нејзината лична колекција, има поголеми планови од тоа:

„Еден ден, сакам да го отворам првиот моден музеј во Кина. И затоа мислам дека се што ќе купам е инвестиција за нешто што може да стане модна историја.”

12 јули 2018 - 13:00