Манекенката од рекламата на „Дав” може и сама да се одбрани

Црната манекенка од спорната реклама на Дав се побуни откако војниците за социјална правда го рашамараа брендот дека ја претставува нејзината раса како инфериорна.

Рекламниот спот за купка за тело натера милиони луѓе да се запрашаат дали во Дав е распашана команда, затоа што во време каде што сè е навредливо, прикажува црнкиња која се соблекува и станува бела (алудирајќи на тоа дека се избањала), финта што се користела во реклами за сапун кога црнците беа далеку од еднаквиот статус што го имаат денес.

Манекенката што се соблекува се појави да каже дека не е жртва.

Лола Огунјеми е Нигеријка, родена во Лондон, а порасната во Атланта. Свесна дека жените со потемна кожа поретко ги има во медиумите, без размислување ја прифатила понудата да биде дел од реклама на еден глобално влијателен бренд.

За Гардијан објаснува дека некои од исечоците кои циркулираат по социјалните мрежи не ја прикажуваат целата реклама и заради тоа пораката е погрешно интерпретирана.

Целосната телевизиска реклама имала за цел да го „истакне фактот дека секоја кожа заслужува нежност.” А оваа порака се губи во тој исечок од 13 секунди кој се појави на Фејсбук. Додава и дека не знаела дека ќе биде монтирано на овој начин.

„Да знаев дека ќе бидам прикажана како инфериорна, или како случајот „пред” во снимка со „пред и потоа”, прва ќе кажев не,” вели таа.

Дав се извини, а Огунјеми вели дека иако се согласува дека секако требале да се извинат доколку навредиле некого, верува дека компанијата требала и да ја одбрани својата креативна визија и почетната одлука да ангажираат црна манекенка.

„Не сум некоја нема жртва на погрешна кампања за убавина. Силна сум, убава сум и нема да дозволам некој да ме избрише.”

11 октомври 2017 - 12:42