Не се прават деца затоа што е скапо

За да откријат зошто се помалку Американци се одлучуваат да имаат деца, од Њујорк Тајмс интервјуираат скоро 2000 мажи и жени на возраст од 20 до 45 кои имаат помалку деца отколку што би сакале. Иако добиле еден куп различни одговори, поголемиот дел имале еден проблем: да имаш деца е неверојатно скапо.

Според извештајот, на секои 1000 жени кои се на возраст зрела за раѓање, 60,2 се одлучиле на тој чекор во 2017-та, што рекордно ниска бројка. Од сите интервјуирани кои рекле дека имале, или планирале да имаат помалку деца отколку што би сакале, 44 проценти рекле дека не можат да си дозволат повеќе деца, а 64 проценти рекле дека главната причина е што грижата е фрапантно скапа. Во Индијана, на пример, просечниот годишен трошок за бебе е 8918 долари, сума што само 29.2 проценти од населението може да си ја дозволи.

Една 22-годишна девојка за Тајмс изјавила дека не планира деца во наредните 10 години затоа што не би сакала да ги расте во нејзиното маало во Батон Руж, Луизијана. „Многу луѓе, особено небелите заедници не можат да си го дозволат тоа,” вели таа. „Едноставно, не ми се враќа во сиромаштија. Знам како оди, знам кои се ефектите и си мислам, ‘можам ли да го прекинам кругов?’ Би сакала да го свртам целиот тој наратив.”

Друг испитаник, 29-годишен дечко кој живее во заедница со две плати е исто така анксиозен во поглед на економијата на започнување семејство со жена му.

„Платите не растат пропроционално со трошоците за живот, а со студентски заеми плус, навистина е тешко да застанеш на нозе финансиски - дури и ако си завршил факултет, работиш корпоративна работа и имаш две плати,” вели тој.

Америка не ни има политики што поддржуваат родители и е единствена развиена нација на светот што нема платено отсуство - нешто што го посакуваат поголемиот дел од граѓаните. За споредба, мајките во Финска добиваат до три години платено породилно отсуство. Во Шведска, која има послаб БДП од Америка, на родителите им следуваат 480 дена отсуство.

6 јули 2018 - 15:51