Колку чини совршено тело?

Домашна задача: отворете кај најследените девојки на Инстаграм (не мора да се Кардашијан/Џенер, има и такви што прв пат ги гледате, ама имаат милиони следачи), па погледнете се во огледало. Исто е? Не.

Плус, збориме за тоа што е ДЕНЕС совршено тело. А денес, ко да ја игнорираат Синди Крафорд, за сметка на Кајли Џенер.

Вог прашува експерти за тоа колку всушност чини да заличиш на Инстаграм модел – во превод, колку чини да имаш мал струк, совршени гради, #goals задник и мазна кожа. Ако ги рачунаш нашите баби за експерти – не многу. Ако ги прашаш докторите на оние, поразличните од тебе – спреми се.

Вајање на тело

CoolSculpting една неинвазивна технологија, со огромна популарност во круговите на славните личности поради можноста да го изваја телото без потреба од операција, или недајбоже теретана.

Процесот користи контролирано ладење (криолиполиза) за таргетирање и убивање на масните клетки. Откако ќе бидат третирани, ги снемува засекогаш, што значи дека третманот обезбедува долгорочни резултати.

(Јас се извинувам, ама ова звучи многу добро.)

Изјава од Др. Мајкл Прејџер, козметички доктор: „Телото има конечен број на масни клетки. Кога ќе ги елиминираш во еден дел од телото, а сè уште ја конзумираш истата количина на масти, тие масти ќе идат на друго место. Популарните фаци ги вајаат струковите, бутовите и рацете – но не и задникот. Ова значи дека сите масти одат таму, па тоа го дава тој претеран, непропорционален изглед.”

(А тоа ли билоооо...)

Добро.

Оваа процедура чини од 400 фунти па нагоре по третман и потребни се повеќе третмани за да се постигнат најдобри резултати (се разбира). И, затоа што третираната област не е поголема од просечна дланка, за поголеми површини треба уште повеќе третмани.

„Ми доаѓаат пациенти и бараат три третмани на абдомен, четири на бутови, два на раце... И пред да се свестиш, потрошиле 10 000 фунти во еден ден.”

Две сесии CoolSculpting, 10 третирани површини, 8000 фунти

Зголемување на гради

Заврши ерата на огромни гради, а сепак ова сè уште се држи во однос на популарност. Напредокот во технологијата на имплантите доведува до поприроден изглед, а се залетуваат и по уште еден третман – мастоплексија, или поткревање на градите. Ова значи отстранување на вишокот кожа и затегнување на ткивото, плус липолифтинг (пренесување на масно ткиво).

„Има еден нов тренд, за сеопфатни процедури – истовремено вметнувње импланти и липолифтинг,” објаснува Г-ѓа Жаклин Луис, козметички хирург. „Ова ја намалува видливоста на работ и површината на имплантот, особено кај жени кои имаат многу малку меко ткиво.

Значи,

Зголемување на гради со липолифтинг, 8000 фунти.

До сега сме на 16 000, а сме само до мал струк и инстаграмливи цицки стигнати.

Мазна кожа

Овде имаме работа со отстранување влакна, третман на варикозни вени и други слични работи, а целта е природно фотошопирана кожа – и не е баш беспари.

Прво треба ласерско отстранување на влакна – ова ви се основи на ред-карпет убавина - се користат концентрирани зраци светлина, насочени кон фоликулите на влакното – за да ги успијат. Важно е пигментот на влакното да е поинаков од кожата за ласерот да знае каде да гаѓа.

Но денес имаме нови нивоа на отстранување влакна, како на пример Сопрано Ајс – безболно намалување на влакната со постепено загревање на дермисот за да се затворат фоликулите, без да се оштети ткивото од околу.

Финти за отстранување влакна имате во секој салон, но одредени несакани ствари на кожата бараат повеќе стручност. За отстранување лузни на пример, се препорачува Венус Вива третман кој таргетира неправилности во текстура, како лузни, стрии и црвенила.

А кога сме кај варикозни вени, Др. Мајк Гонт, кој е васкуларен хирург специјалист препорачува третмани со минимално инвазивна техника која користи мала ротирачка жица и средство кое предизвикува вената да се повлече – Clari Vein; и VNUS Closure техника (специјален катетер вметнат со локална анестезија кој користи радиофреквенција за да го загрее ѕидот на вената, предизвикувајќи да се затвори.

Wow.

Венус Вива третман, од 800 фунти нагоре

Clari Vein третман – 2500 фунти по нога

Шест сесии Сопрано Ајс отстранување на влакна од глава до пети – од 4000 фунти па нагоре.

Океј, конечни пресметки за совршено тело, со кое што кога ќе се иде на рандом search на Инстаграм и нема одма да се познава дека сте локални:

Две сесии CoolSculpting, десет површини за третман, 8000 фунти.
Зголемување на гради со липолифтинг, 8000 фунти.
Венус Вива, 800 фунти.
Clari Vein третман – 2500 фунти по нога
Шест сесии Сопрано Ајс отстранување на влакна од глава до пети – од 4000 фунти па нагоре.

Тотал: 23,700 фунти.

26,250 евра.

Би пробале?

13 септември 2017 - 11:01