Кој сака да посвои замок во Франција?

Кога ќе начекате на некој сајт нешто од типот „Листа на прекрасни напуштени замоци во Европа”, се прашувате „Како не се најде некој или државата да го земе замоков под свое, да го опраи или да го продава? И јас. А сега може и директно да учествуваме.

Adopte un Château е релативно нова асоцијација посветена целосно на спасување загрозени замоци преку соработка со сопственици и колективи во нивните обиди за реставрација. Ги врзуваат меѓу себе и сите ентузијасти кои делат таква стручност од областа на историјата и наследството, или бар имаат пасија на темава (океј, да се пријави тој што нема пасија за учествување во сопствеништво во замок, ве молам).

Франција има над 30.000 замоци (со букви: триесет илјади) што значи има над 30.000 замоци повеќе од Македонија. И како и многу (скоро сите) градби од историска важност кај нас, овие замоци се напуштени и под ризик да се распаднат. Асоцијацијата сака да го промени тоа со иновативни и креативни начини да ги врати во живот и од скоро, почнаа да продаваат акции од по 50 евра за замокот Saint-Vincent-le-Paluel во Дордоња на аукција.

Што значи ова за твојата иднина како човек што е поблиску до замок од неговите сограѓани од иста категорија?

Овој проект ни дозволува да станеме акционери во компанијата која ќе го купи замокот ако соберат доволно пари за да ги надмашат другите купувачи.

А сега, појакото

Како акционер, можете да бидете дел од иднината на замокот, да носите одлуки на годишни состаноци со управниот одбор и друго – во зависност од тоа колку акции имате. И не е заебанција, затоа што ако не успеат да се соберат сите пари, вложеното ќе ви биде вратено.

Ама ако успее, Adopte un Château планира да ја оживее онаа прекраснотија од 15-ти век најгоре, која инаку ја запалиле нацисти во Втора светска војна. А што би им било друго работа на нацисти.

Ќе работи екипа од експерти за наследство, историчари, инжинери и архитекти, а обичниот свет може да помогне дури и со само 1 евро месечно. Ама, едно по едно…

Иначе, не е само тој: изберете си замоче.

Уште нема информација дали и со колку акции ќе можеш да преспиеш таму барем еден викенд.

Ако стварно ве интересира, повеќе информации има овде, со линкови до секој замок и начини како може да се помогне.

18 септември 2017 - 20:00