Кои цртани Дизни планира да ги упропасти во догледно време

Веројатно сите, ама тие за кои веќе има одлука се неколку.

А сега, да видиме во наредниве неколку години на кои се теми ќе се расправаат луѓето што живеат на интернет.

Веќе има трејлери и по некоја слика од одредени наслови, како „Маза и Луња” (како го преведовме ова на македонски?), „Мулан” и „Малата сирена”. Од филмот за „Круела” излезе само една (одлична) фотографија со Ема Стоун:

И ова може да биде многу добро, исто како „Малефисент” што беше добро, затоа што не беше адаптација на постоечки цртан, само со луѓе, туку беше раскажана приказна од аспект на друг лик, а фактот што беше негативец го направи филмот само поинтересен. Одлична порака за деца (да не се суди пред време) и одличен филм, општо.

Што не е случај со „Кралот лав”, каде што имаш чувство дека гледаш Дискавери, ама со анимирани лавовски усти и мајмунски раце, или „Убавицата и ѕверот” каде што убавицата беше - Ема Вотсон.

Ќе поќутиме.

После ова, можеби не по овој редослед, доаѓа Снежана. За волја на вистината, „Снежана и седумте џуџиња” е најстариот цртан, и ќе биде можеби и најинтересно да се види како ќе изгледа како филм, и по ново (без разлика што последниве години излегоа 5-6 Снежани, ниеден не беше Дизни). Којзнае само дали ќе им текне да се мафтаат со различни раси таму, не од што така треба - туку ради реда, како во „Малата сирена”, и на која сè тема ќе треба луѓето да се дерат на интернет. И дали Питер Динклиџ ќе биде Док.

Понатаму, доаѓа „Пинокио”. Затоа што сите баш се опоравивме од сцената со магарињата (каде што аниматорите тенденциозно се служеле со финти за да го остарат Пинокио и да го направат поистрауматизиран), па сега сакаме да ја видиме и во живо. И да, уште ни се плаче од жал за Џепето, па ај.

Една светла точка во целава разработеност на Дизни е што можеме да очекуваме и филм за Sвончица. Овој влегува во иста категорија со филмовите посветени на Круела и Малефисент, па веројатно може да се радуваме и пред време на посебна приказна за еден од најшармантните ликови на Дизни.

Освен ако не одлучат дека ете баш им личи Sвончица на Абориџин.

13 септември 2019 - 00:00