Како Сефора нè тера да трошиме пари

...Кога сме во странство. Затоа што ние сме земјата без Мекдоналдс, зошто би имале Сефора.

Сите големи синџири на продавници се служат со финти што им овозможуваат подоцна да тријат раце додека ги прогласуваат за Retailer of the Year.

Сефора тоа го прави махерски. Затоа и беше Retailer of the Year во 2018-та.

Прво и основно, самите бои и светкавиот ентериер се доволни да те завлечат внатре, дури и кога не си планирал. Ама кога би се потпреле само на тоа, би биле аматери - жени влегувале и во потапа парфимерии, онака, чисто спортски. Не, Сефора е секташки (и не можеш ни да се налутиш!) посветена на твојата потреба да потрошиш пари.

Лојалти програмата нуди многу фини работи, особено ако го достигнеш нивото каде што те викаат на специјални настани, промоции, тестирања, па дури и платени патувања. Скапите производи се чуваат на најдостапното место, додека (про-тип!) поевтините се на подолните полици, затоа што потешко се забележуваат.

Додека чекаш ред, го има оној класика-момент, кога мини-верзии на најфините производи ги добиваш за нешто што ти се чини дека е џабе, иако (уште еден про-тип!) многу често излегува дека повеќе ти се исплати фул верзијата наспроти травел-сајз.

Сите производи се надвор.

Сè можеш да пробаш. Со саати да пробуваш.

Те шминкаат.

Имаат технологија за проверка на нијанса на кожа (за да избереш пудра).

Генерално се понашаат како рај на земјата што мириса многу убаво.

На крај излегуваш и викаш, „па, не ми е ни криво.”

17 септември 2019 - 21:40