Како да бидеш сама

„Ако си прво сама, биди трпелива. Ако не си била често сама, или ако си била и не ти било добро, тогаш почекај. Ќе откриеш дека е во ред да си сама кога ќе го прифатиш тоа.”

Тања Дејвис пишува поема за убавината на самотијата. После некое време, друга девојка, Андреа Дорфман го филмува тоа, за сè заедно да се претвори во еден производ и за тие што сакаат сами, и за тие што се плашат да бидат.

Ако си прво сама, биди трпелива. Ако не си била често сама, или ако си била и не ти било добро, тогаш почекај. Ќе откриеш дека е во ред да си сама кога ќе го прифатиш тоа.

Можеме да почнеме со прифатливи места, купатило, кафич, библиотека. Каде што можеш да одложуваш и да читаш весник, каде што можеш да добиеш доза кофеин и да си седиш долго. Каде што можеш да разгледуваш и да мирисаш книги. И онака не треба многу зборување таму, па безбедно е.

Има и теретана. Ако си срамежлива, можеш да се дружиш со себе во огледалата, можеш да си ставиш слушалки.

Може и јавен превоз, затоа што нели, секако треба да стигнеме некаде.

Имаш и молитва и медитација. Никој нема да ти замери ако си сама со себе и бараш мир и спас.

Почни едноставно. Од нештата што можеби претходно си ги избегнувала за да не бидеш сама.

Кантина. Таму ќе бидеш опкружена со луѓе кои се на работа, имаат само еден час и нивните партнери работат на другата страна од градот и како и ти – ќе бидат сами.

Воздржи се од дружење со телефонот.

Кога ќе ти стане удобно да јадеш и да си одиш, однеси се на вечера. Во ресторан со фини чаршави и прибор. Не си ништо помалку интригантна кога сама јадеш десерт и со прст го чистиш шлагот од чинијата. Всушност, некои луѓе што седат на полни маси ќе посакаат да бидат на твое место.

Оди во кино. Каде што е темно и утешително. Сама на седиште, меѓу раздвижени луѓе. А после, оди да танцуваш во клуб каде што никој не те познава. Танцувај како никој да не гледа… затоа што веројатно е стварно така. А ако те гледаат, замисли дека е со најдобри можни намери. Танцувај додека не се испотиш и капките пот не те потсетат на најдобрите работи во животот.

Оди во шума сама, а дрвјата и верверичките ќе те чуваат.

Оди во непознат град, шетај по улици, секогаш ќе има статуи за муабет и клупи кои на туѓинци им даваат да го споделат своето постоење, макар и на минута, и ваквите моменти можат да бидат прекрасни и разговорите што ќе ги поминеш седејќи сама на клупа можеби и никогаш не би се случиле да не си била таму сама.

Општеството се плаши од самотија, како осамените срца да се распаѓаат по подруми, како луѓето да мора да имаат проблеми, ако после некое време никој не е со нив, но самотијата е слобода во која лесно се дише и самотијата може да те лечи, ако дозволиш.

Можеш да стоиш во група, или да се држиш за рака со партнер, постојано да бараш во една бескрајна потрага по друштво. Но никој не е во твојата глава, и додека да си ги преведеш мислите, дел од нивната суштина може да се изгуби, или едноставно - да не излезе.

Иако во интерес на сакањето себеси, можеби сите тие излитени слогани од основно или средно што се извикуваа, биле симболи на оттргнување од осаменоста.

А, ако си среќна со себе, тогаш самотијата е благословена, а осаменоста е во ред.

Во ред е никој да не верува како тебе. Секое искуство е единствено, никој нема исти синапси, не може да размислува како тебе, и нека ти биде олеснување што ова ги оддржува нештата интересни, а магијата на дофат.

А тоа не значи дека не си поврзана, дека нема заедништво, туку треба да ја видиш перспективата што ја добиваш од бивање една личност, во една глава, и ти да ги почувствуваш ефектите. Земи ја тишината и почитувај ја. Ако имаш нешто што треба да го вежбаш, не го оставај. Ако твоето семејство не те сфаќа, или твојата религија не е за тебе, не се опседнувај со тоа.

Во секој момент можеш да бидеш опкружена, ако сакаш така,

Ако срцето ти крвари, извади го најдоброто

Има топлина во мразот, биди пример за тоа.

-Тања Дејвис

Еве како звучи и како изгледа тоа:

5 декември 2017 - 13:13