Ја изневеривме Џенифер Анистон

На тема Џенифер Анистон, лични желби и очекувања од јавноста, како метафора за тоа колку сме неправедни кон успешните жени околу нас. Внимателно прочитајте на кои сè начини, со најдобра намера им се мешате и никако да ги чуете што сакаат од што мислите дека веќе знаете што сакаат.

Толку многу навивавме за она што мислевме дека Џенифер Анистон го сака, што не ни слушавме што ни кажува дека навистина сака.

Проблемот со нашата културолошка љубов кон Џенифер Анистон е токму тој: премногу ја сакаме. Уште откако ја видовме на Френдс, вистинската Анистон ни стана неодвоива од Рејчел и од тогаш навиваме и за двете. Како резултат на тоа, често ги стававме очекувањата што ги имавме за Рејчел (и други улоги на Анистон) пред вистинската личност, без разлика што вистинската цело време ни кажуваше како стојат работите.

А не сме ние криви: Џенифер Анистон беше толку шармантна и прекрасна, што само сакавме да биде среќна, аман. Затоа венчавката со Бред Пит во 2000-та беше толку покриена, затоа истото се случи и со разводот. Сите колективно се разочаравме и претпоставивме дека и таа се чувствува исто. Попреку ја гледавме Анџелина Џоли како вештицата што го украде Бред Пит, а Џенифер ја гледавме како обесправена добра девојка, па се секиравме дека никогаш нема да се опорави. Затоа што сакавме нејзините ликови да завршат со дечкото, да родат дете и да живеат среќно, засекогаш, без да остарат ниту ден. Така сакавме и за нејзе лично.

И не запревме тука. После сите тие стории, почнаа нови - се префрливме на врската со Винс Вон, па после уште седум години се бавевме со Џастин Теро. Се чувствувавме како да ја познаваме, се инвестиравме себеси во нејзината среќа, затоа што беше една побогата, поубава и пославна верзија од нас.

Не беше важно што ни кажува дека е среќна: Ние вистински ја познававме, ја знаевме Анистон што се крие зад храбрата маска што си ја има ставено. Нема врска што нè убедуваше во спротивното. Во 2016-та, во едно интервју, баш објасни: „Многу напорно работев во животов и кариерава за да ме сведат на тажен, бездетен човек.”

А ние ја изигнориравме. Ја игнориравме затоа што ја сакаме и е совршена и затоа што сакаме да живее совршено.

Во друго интервју, Анистон повторно беше принудена да зборува за нашата љубов.

„Погрешните сфаќања се дека ‘Џен не може да задржи маж,’ и ‘Џен одбива да има бебе затоа што е себична и посветена на кариерата.’ Или дека сум тажна, со скршено срце. Прво, со должна почит, не ми е скршено срцето.”

Како колектив, фановите ја изневерија во еден клучен аспект: Не запревме да размислиме дали нашето „совршено” е исто со нејзиното „совршено”. Зошто претпоставувавме дека го сака тоа што ние и го посакуваме, особено кога се работи за деца? Упорно, најупорно го претпоставувавме тоа, без разлика колку пати ни кажуваше дека тоа не ѝ е приоритет, ние отфрлавме и упорно инсистиравме. И тоа го кажува во интервјуто:

„Тоа се неосновани претпоставки. Никој не знае што се случува зад затворени врати. Никој не внимава колку е таа тема чувствителна за мене и мојот партнер. Не знаат низ што поминуваме ни медицински, ни емотивно… Врз жените се врши притисок да бидат мајки, а ако не се, тогаш се оштетена роба. Можеби мојата цел на оваа планета не е да се размножувам. Можеби има други работи што треба да ги правам?”

Како за жена за која тврдиме дека навиваме, некако многу време поминува да ги отфрли етикетите што ѝ ги наметнуваме. Нека ви текне барем на уште една славна личност што е универзално обожавана како Анистон, а притоа мора да инсистира на сопствената автономија како нејзе. Нема.

Не е предоцна да се смени курс, сепак. Може треба да престанеме да кликаме на наслови за бремености, афери и раскинувања поврзани со нејзе. Можеме да почекаме сама да си каже. Не е дека не дава интервјуа, напротив, секогаш е фина и топла за време на интервју.

Ја изневеривме Џенифер Анистон со најдобра намера. Толку гласно навивавме за нејзе што не можевме ни да ја чуеме од сопствените гласови, како ни кажува дека не ѝ треба нашето мислење. И дека сосема погрешно сме сфатиле.

-Кејди Дел, Мари Клер

(Затоа, следниот пат кога на познаничка/роднина/другарка ќе ѝ посакате нешто убаво, внимавајте да биде нешто што нејзе ѝ е убаво. А кога ќе ѝ посакате нешто што вам ви е убаво, и ќе ви рече дека не сака, немојте да инсистирате. Не е убаво. Не би требало човек на кој сакаш да му е убаво, да мора да ти објаснува и да ти докажува дека не го сака за себе тоа што го сакаш ти и за себе и за него.)

12 септември 2019 - 00:02