Имаме ние уште многу работа

Додека едни се трудат да унифицираат облека за машки и женски деца, други сè уште произведуваат розеви и црни пакувања за истиот производ, за да разграничат што треба да користат жените, а што мажите. И бисери - колку сакаш.

Без разлика што науката тврди дека постојат разлики меѓу мажите и жените и тоа не само социолошки наметнати, стварно нема потреба од „алат за жени”. Ај што има алат за жени, него онаква табла за повикување духови - за жени?

Наспроти ова, што не е до крај сигурно дали е воопшто забележано од страна на таргет групата - производите за мажи делуваат како да се правени за Брендан Фрејзер во Bedazzled, и тоа исклучиво за сцената каде што е кошаркар. Во превод - разлигавено, запотено машко говедо што реагира само на ознаката „за мажи”, па дури и кога се работи за омекнувач.

На пример, вака стојат денес работите:

Двоглед за девојчиња: сега и женските конечно ќе можат да гледаат подалеку, и тоа без оние машки, гломазни двогледи што се прегруби за нивните трепки.

Ouija табла, за девојчиња што сакаат да повикуваат женски духови. Со светки.

За да не се вознемири нежната машкост, при нарачка на Мимоса: Жените ја добиваат пијачката во нежна, елегантна чаша во каква што редовно се служи. А ако случајно му се припие ова пенливо вино со сок од портокал на мачо тип, ќе му донесат. Ама во КРИГЛА! Да се знае што е маж.

Алат за нежни женски раце. Бидејќи обичниот е претежок и прегруб.

Меѓу омилените: Машка закачалка. Таква едноставна, проста, мажествена; а според коментарот, и на најмажествениот маж ќе му биде возбудливо да закачува облека на оваа закачалка од индустриска шипка.

Машки, спортски омекнувач. Тога го пишува со многу мали букви горе десно, побитно е да пишува СПОРТ и ЗА МАЖИ. Не може него да го гледаат на каса како удрен да е.

Мастики, за него со плаво, за нејзе со розево.

Тампони за уши, за жени. За кога ќе ти се дере што мајка бараш надвор од кујна.

Големи, машки хартиени марамчиња. За големи машки.

Библија за жени. Одвоено, како што беше планирано.

И конечно! Библија само за машки! Што те учи на финтаџиски, опасни ствари, па како да бидеш најјак, па ги вади најгадните и најхумористичните делови, а тоа само машки ги интересира. Плус, те учи како да бидеш како Исус, ментално, физички, спиритуално и социјално.

Грицкалица за машки. Затоа што грижа за ноктите е глупа женска работа, ама па, не бива ни да бидеш ѕвер кога ќе облечеш сандала без чорапа. Па да заличиш на нешто.

Океј, прво, мажи не влегуваат во кујна. Ама тие што запнале, мора да се заштитат. Затоа се нуди оваа машка тава, со истакнат збор „скара” на неа. И да не му се мешаш дур пафта таму. Со тава.

И лабелото е женска глупа работа, ама бе, пука устата пичка му матер. Решение? Балзам за усни со РУМ! Како пират! За да не мора до конци да стигне устата! Не дека му е него страв од конци! 

А еве, од друга страна „светкави стварчиња за заштита”, за жени. Ем да запрскаш напаѓач, ем да има глитер во комбинацијата.

И ова: Ребра за него, нежни филети од лосос за неа. Совршен осмомартовски дејт.

За крај, паста за мажи. Затоа што, „пеперминтот во оваа паста е премногу моќен за нежни женствени заби и женски усти.”

Среќен 8-ми март, дами и господа!

8 март 2018 - 12:23