Кендис Бушнел има нова книга:

Има ли уште Секс во Градот?

Авторката на „Сексот и градот” размислува за љубовниот живот и женските пријателства, исто како во епските колумни што станаа серија, со тоа што, овој пат обрнува внимание на жени над 50 години.

И, фала богу! Која и книга да ја фатите, протагонистката има 20, 30, 35, скромни 37... И така лута низ град, купува штикли и брка дечковци. Оние над 50 се често споредна улога, тетки, мајки, јаки шефици, шаблон, до шаблон, до шаблон. Или, ако се главна улога, тогаш мора да е драматична. Мајка. Баба дури. Докторка што мора да лекува мистериозен пациент. Продавачка на цвеќиња што се мачи финансиски.

Е, неќе моќи, вика Кендис Бушнел. Има да си ја добиете пак Кери Бредшо, во друг облик, и тоа 20 години покасно. На 50 (и кусур!)

За волја на вистината, книгава уште не стигнала до кај нас и не сме ја прочитале. Сепак! Додека да стигне (или да ја симнеме на Киндл), од Гардијан викаат вака:

Како што најверојатно би се прашала Кери Бредшо: „Дали е можно да се погледне модерниот свет низ призма на 'Сексот и градот', серија базирана на колумна во весник за сингл живот што прв пат се појави во 1998-ма? Или се залажуваме себеси?” Во новата книга, Бушнел се прашува што останува за жените како неа - тазе сингл во нивните 50-ти - кога се работи за секс и излегување.

Насловот е „Има ли уште секс во градот?”, а медитацијата е на тема - што се случува кога нејзиниот и животот на нејзините пријателки ќе скршне во погрешен правец. Слатко-горчливо е, забавно и добро напишано. Почнува со секс и излегување, но всушност се работи за разочарување, каење и себеприфаќање. Има многу малку секс во книгата, односно во животите на нејзините педесет-и-кусур-годишни сингл женски ликови), но има многу дискусии меѓу навидум богати жени што наводно снемуваат пари како што се ближат кон пензија, која најверојатно па - никогаш нема да дојде. Се чувствуваат осамени и како да немаат друштво; се борат со завист кон други и со справување со суровоста на процесот на стареење. Забавно.

Во делови од приказната, Бушнел копа низ социјалните феномени, повремено промашувајќи со не-рилејтабл ствари од типот на луѓе што се нервираат дека немаат доволно голем базен, но, она што беше генијално и во нејзините колумни, а и во серијата - го има и сега, а се работи за оној момент кога, иако божем темата е сексот и општеството, приказната се врти токму околу женското пријателство - и колку е невозможно да го имаш животот за кој си сонувал кога си бил млад.

„За среќа, оваа книга може да се очекува со поголем ентузијазам, баш поради тоа што ги одразува овие силни страни,” резонира Вив Гроскоп во Гардијан.

Ѝ наоѓа маани, и истовремено се воодушевува на умешноста на Бушнел гласно да размислува на теми битни за сите жени на нејзина возраст (и не само на нејзина).

Една страна на Бушнел ми се виде освежувачка и интригантна. Ја напишала „Има ли уште секс во градот”? откако по разводот ја одбиле за хипотека заради возраста (лани наполни 60, а мажена беше 10 години).

Станува добро во моментот кога ќе се почувствуваме блиски до Бушнел и нејзиното вистинско јас: жената која вели дека ќе направи сè за маж, но чии другарки се на прво место, жена што ќе ја ошури козметичарка и што не напушта дејт кога мажот стои пред креветот и вели: „Сум имал одличен секс на овој кревет. И се надевам дека ќе имам уште во иднина.” Тоа е жена со недостатоци, што автоматски ја прави поинтересна. Ако не ви пречи средовечното лудило, вреди да се запознае.

Исто така, поздрав:

За сите што мислат дека „Сексот и градот” е површно, нереално, женско ѓубре

12 август 2019 - 18:24