И Инстаграм знае дека е штетен за (ментално) здравје

Едно е да си праќаш сликички во приватна порака со другарчиња, по што следат дебати и дискусии за тоа дали Крокс се во ред за надвор, ама повеќето корисници ич не го поминуваат времето на Инстаграм така - и по најновите истражувања, тоа време во просек е девет часа дневно. ДЕВЕТ. ЧАСА.

Сега Фејсбук и Инстаграм ќе направат една алатка што ќе ви каже колку време сте поминале на двете апликации, на што целта е подобрување на навиките кои влијаат на менталното здравје. Истражувањата постојано покажуваат дека претерување со социјални мрежи прави да се чувствуваме глупо (едно од 2016-та откри и тесна поврзаност со зголемена депресија), а неодамна се откри дека Инстаграм е најлош од сите.

Односно, убав си е Инстаграм, само што некогаш е преубав и не сите луѓе можат да се справат со тоа.

Новата алатка ќе може да се вклучува и исклучува кај подесувањата на Инстаграм и Фејсбук и ќе прикажува колку време во просек сте поминале на апликациите, па тотал за цел ден. Ќе има опција и да прати нотификација кога ќе стигнете до одредена минутажа, или да ги мјутнете нотификациите за да не ви одвлекуваат внимание. Амит Ранадив, директор за менаџмент на производи во Инстаграм и Дејвид Гинсберг, директор на истражувања во Фејсбук објаснуваат дека Инстаграм и порано преземал мерки мислејќи на менталното здравје, како што е на пример „Видовте сè досега” (You’re All Caught Up).

А тоа за помагање ли било.

„Исто така, постојано имаме една глобална обврска да се посветиме на превенција на самоубиства, вклучувајќи ја и експанзијата на проактивно навремено откривање,” велат тие во заедничка изјава. „Нашиот пристап се развива во соработка со организации за ментално здравје и со сведоштва од луѓе кои имале лично искуство со размислување или дури и обид за самоубиство.”

Сепак, новата алатка нема да прави разлика меѓу активно и пасивно користење на социјалните мрежи. Лајкување и коментирање на слики, разговарање со пријатели и репостирање на позитивни мемиња сепак го подобрува расположението. Според едно истражување, социјалните мрежи ни помагаат да се отвориме за менталното здравје, макар и преку директни пораки, со мемиња за сериозни лични битки со анксиозност, депресија и биполарно нарушување. Значи, правилното користење на социјалните мрежи бара да го користиме мозокот, за конечно да можеме од нив да извлечеме корисно, наместо тригер за депресии и натпреварувања со тој до нас... Или под нас на фид.

7 август 2018 - 10:16