Грдата вистина за брзата мода

Колку пари планирате да потрошите околу празнициве? Ај сега помножете го тоа со сите комшии, пријатели, познати и непознати. Резултатот? Многу, многу потрошени пари. И тоа ние, што сме вака малку, а што останува со побројни и финансиски многу помоќни општества?

Фино си почнува дечкото во видеото.

Може викате дека не ве интересира мода, ама тоа не ја оспорува нејзината важност, како средство за изразување. Или како еден од двигателите на економијата во една земја. Или како индустрија вредна милјарди, што придонесува кон очекуваните 1,1 ТРИЛИОН долари што ќе се потрошат во Америка претстојниов период.

Голем дел од тоа ќе биде под изговорот „не знам зошто го купив, ама многу е јако.”

Во '80-ти, просечниот Американец купувал 12 парчиња облека годишно, што е сосема нормално, а во денешни услови дури и некако малку ни се гледа.

Денес, просекот е до 68 парчиња годишно, како резултат на појавата на - fast fashion.

Феномен што го објаснувавме со текстот Што е проблемот со брзата мода, и уште еден - Како социјалните мрежи ја помогнаа брзата мода, а го начнавме и во Подемот и падот на Форевер 21.

Брендовите што влегуваат во оваа категорија практично ја демократизираат модата, дозволувајќи луѓе со помали примања да носат копии на парчиња што ги произведуваат големите дизајнери - за помали пари.

Што е полошо? Да ја помагаш оваа индустрија или едноставно - да се обврзеш дека нема да следиш трендови и точка?

3 декември 2019 - 15:25