Филм на поранешна сексуална работничка го побудале Холивуд

Сценаристката Иса Мазеи не ја пречекале баш со раширени раце во филмската индустрија. „Сум работела по бутици, во техничка индустрија, во порно, ама никогаш повеќе не ме вознемирувале сексуално од сега, додека се обидувам да го продадам филмов во Холивуд.”

Мазеи е поранешна „девојка на камера”, професија на широките народни маси позната како cam girl, и нејзино е сценариото за едно од најјезивите хорор сценарија годинава. Филмот едноставно се вика Cam и ќе дебитира на Нетфликс месецов. И заради него, публиката веќе тоне во параноја од опасностите што ги носи животот на интернет ѕвезда.

Сценариото е успешно затоа што Мазеи црпи од сопствените искуства и стравови, на пример, од ризикот да биде малтретирана, хакирана, доксирана (кога некој ќе ти објави приватни информации во јавност, што често не е ни нелегално) или нападната. Доби награда за најдобро сценарио и најдобар прв филм на Фантазија Фестивал.

Пред да почнат муабети за филмот, Мазеи морала да трпи црепови од продуценти, кои сметале дека можат да ја гњават затоа што претходно се бавела со сексуална работа. Често ѝ барале да сподели детали од стариот живот, некои тврделе дека ја потпишуваат како сценарист само за да биде појака рекламата, а сопственикот на една холивудска агенција отишол до таму што си напишал, пустиот, алтернативен крај на полубиографскиот филм каде што ги има него и Мазеи.

„Тоа беше фан-фикшн со мене и него,” вели Мазеи. „А беше прилично моќен.”

Тогаш имала 25.

Во филмот се работи за вебкам модел, Алис, на која ќе и тргне работата со клиенти што сакаат да ја гледаат, па почнуваат да ја опсипуваат со комплименти, подароци, пари и слично. Животот и е супер додека не дојде момент каде што еден ќе и рече „ај бутни си нож”, па заради самата идеја, бројот на луѓе што ја гледаат почнува вртоглаво да расте и веќе не е толку наивно, забавно и интересно.

Ова Мазеи го позајмила делумно од сопственото искуство, и објаснува дека најмногу публика имала кога правела садо-мазо претстави или други перверзни работи.

Понатаму во филмот има уште неколку језиви проблеми што сега нема да ви ги расипеме, но главното е дека хоророт се состои во таа језа што те фаќа од самата помисла колку си небезбеден на интернет.

Мазеи вели: „Филмот многу лесно може да е за Јутјуб ѕвезда или Инстаграм селебрити. Сепак, за девојка од камера е, затоа што со таа професија можеш најдалеку да отидеш во изразувањето на дигиталниот идентитет.”

Сега има 27 и се појави на Лондонскиот филмски фестивал за да го промовира филмот. И би сакала ако може, светот да го промени ставот кон сексуалните работници, затоа што филмовите глупо ги претставуваат.

„Секогаш има една дихотомија: или е супер-гламурозно или е многу мрачно. Или си моќна, или си жртва. Во реалноста, сексуалните работници се нормални, професионални, интелигентни луѓе. На келнери не им викаме „ааа ти си сега моќен затоа што носиш чинии по луѓе?”

Нејзината перспектива како поранешна сексуална работничка е исклучително ретка во нејзините кругови (на сценаристи), а за жал и воедно - ретко се гледа и сценаристКА во хорор жанрот. И Мазеи вели дека тоа е очигледно поради тоа што го гледаме во фимовите.

„Ме нервира кај хорори што секогаш девојката мора да е глупа. Ако чуеш звук од подрум нема да одиш сигурно да видиш што е - не правиме така, паметни сме. Мене ми е важно да имам протагонист што не носи глупави одлуки.”

И успешно е - Алис во Cam е лик што е истовремено храбар и паметен.

Сега спрема филм со сериски убиец, за кој тврди дека е на некој начин автобиографски, со тоа што, во една посимболична смисла - „секако не сум убила никого.”

Па да видиме.

5 ноември 2018 - 20:32