До нови цицки со плави картони

„Зошто разубавувањето да не им биде достапно и на сиромашните?” Зошто де, и ние се прашуваме.

Не, не е кај нас. Ние уште со 'Мој термин' се бориме. Ама ако сакате да кажете дека не нè бива, и притоа да споредите со една Индија, размислете повторно.

Од пред некоја недела, во Тамил Наду, сојузна држава во јужна Индија, почна програма што нуди импланти за гради финансирани од граѓаните (фраза што ние ја употребуваме често во многу поинаков контекст). Услугата ќе им биде достапна и на мажи и на жени и со ова, Тамил Наду станува прва држава во свет што нуди бесплатна реконструкција на гради.

„Зошто разубавувањето да не им биде достапно и на сиромашните? Ако не ја понудиме процедурата бесплатно, може да им текне на опасни методи или да земаат огромни заеми за тоа,” вели нивниот Министер за здравство.

Програмата се спроведува во клиника во главниот град Ченаи. Клиниката веќе обезбедувала бесплатна реконструкција на гради за пациенти со рак, но сега ја проширува услугата за луѓе кои сакаат импланти и од здравствени и од козметички причини.

Претходниот министер за здравство не е воодушевен. „Звучи популистички, но не е идеална програма за јавно здравје,” изјавува тој за Тајмс оф Индија. „Потребни се државни фондови за некомуникабилни и комуникабилни болести. Тажно е што сега се фокусираме на убавина, наместо на операции кои спасуваат живот.”

Ние додека чекаме на шалтер и Северна Кореја ќе почне да нуди бесплатни операции за промена на пол.

9 март 2018 - 11:23