Дали на пријатели се позајмуваат пари?

Веројатно сте биле во ситуација. И ви текнало на правилото дека така се уништуваат пријателства. Истовремено важи фактот: пријател ти е, и му требаат пари. И ќе се обидеме ова да го пресликаме преку едно писмо со конкретен проблем. Ситуацијата е преведлива.

Драга Савета,

Блиска пријателка ме замоли да и позајмам 1000 фунти за да аплицира за британско државјанство. Не вријам од пари, но можам да си го дозволам ова. Таа е екстремно одговорна и знам дека има намера да ми врати. Проблемот е што маж ѝ е алкохоличар и не работи. Така, иако таа има добра и добро платена работа, секогаш ѝ фалат пари и загрижена сум дека понатаму, може да има некаква криза со која што ќе мора да се справи, што би значело дека може да го одложи враќањето или да се откаже од долгот. Навистина би сакала да кажам ‘да’ од две причини. Едната е дека, кога се разделивме со мојот сопруг пред неколку години, таа беше неверојатно срдечна, ме слушаше до бескрај и секогаш сочувствуваше со мене; а втората е дека во таква иста криза, ми беа позајмени и давани пари од неколку луѓе (иако не беше таа) и бев многу благодарна за нивната доверба и дарежливост кон мене. Би сакала да бидам дарежлива и јас, а сепак не ми е пријатно ова. Не можам да решам дали е лошо да се каже не, или е лудост да се каже да.

-Moneypenny

Најверојатно во моментов знаете што би одговориле. Но, битно е каков е одговорот што таа го добива во случајов од личноста на која ѝ се обраќа:

Драга Moneypenny,

Ќе дојдам до одговорот на прашањето, само прво да го поставам моето: зошто парите ни го прават ова? Што е тоа кај парите што нè прави вакви? Што е тоа кај парите што претвора совршено пристојни односи во пекол полн врескања и солзи? Зошто инаку нормални луѓе, луѓе на кои со задоволство им веруваш кога ќе се понудат да те префрлат до дома после вечера, ги облева пот пред да дојде сметка? Зошто парите уништуваат бракови, пријателства, предизвикуваат сомнеж, страв, вина и бес? Би можела да пробам да го решам ова (воспитување, капитализам, нееднаквост, его, успех, конкуренција, патријархат?) но не сум за тоа платена. Затоа, да го решиме ова.

Околу твојот „проблем”, за кој би рекла е токму спротивното. Дај ѝ ги парите. Не, чекај, врати се назад. Можеш да си го дозволиш ова, но загрижена си заради чудниот сопруг, кој ако ѝ ја испие целата заштеда, таа не може да ти врати. Ако тоа е сигурно (и ќе те замолам навистина да размислиш и да се прашаш себеси дали можеш да потврдиш) причината што се воздржуваш да ѝ позајмиш пари, тогаш имаш многу едноставен начин да се собереш од трошокот со тоа што ќе седнеш со нејзе и со дигитрон, па ќе и предложиш да ти враќа по 20 фунти неделно.

И не го користам зборот „инвестиција” така лесно, затоа што ова е токму тоа - без разлика дали ова ќе биде заем или подарок, овие 1000 фунти се инвестиција во пријателство кое било многу добро за  тебе - човек на кој му бил потребен пријател. Привилегија е да добиеш покана да возвратиш на тоа, да ти се даде можност да покажеш дека си тука, дека паметиш сè што направила за тебе кога ти било најмрачно и дека го цениш тоа. Дај ѝ ги парите. Затоа што не само што ги имаш, туку ги имаш и сеќавањата како е да ти треба заем. Се сеќаваш и колку е тешко да го побараш.

Тоа што го спомнав дека парите нè полудуваат? Нејзе ѝ е јасно. А сепак, ти верува доволно за да те праша. Веројатно не спиела, се спремила што ќе каже, како ќе ти каже „Можеш да збориш?” и молбата ќе ја преплави со можности ти да не прифатиш, знаејќи ја тежината на таа услуга, но истовремено и знаела дека ти си вистинската личност што може да ја праша затоа што не само што имаш пари, туку и си добра пријателка. Добра пријателка си! Дај ѝ ги парите. Не се работи за злоба или лудост, се работи за пристојност и разбирање - и за молбата и за значењето на парите. Не ти бара заем за нови, фенси патики, ти бара заем за да поднесе барање за државјанство. Ти бара заем за да добие трошка сигурност, за да се опушти во сопствениот дом. Не знам каков ѝ е статусот во моментов, но да бидеш британски државјанин значи дека можеш да гласаш, да добиеш бесплатно здравство, да живееш засекогаш во Велика Британија. Каков дар е да можеш на пријател да му помогнеш да си ги добие најфундаменталните права.

Дај ѝ ги парите. Дај ѝ ги парите.

извор

10 април 2019 - 00:00