Дали модата конечно ги премина сите граници?

Затоа што сега на пример, има сандали за кондури. Звучи чудно? Глупо? Тоа не значи дека не постои. Ако ви било мерак да си ги облечете омилените, а не сте можеле затоа што надвор врне и ќе ви се уништат, сега можете. Ако замижите пред бизарноста, се разбира.

Кинескиот бренд Санкуанз и нивниот тим на дизајнери пушти манекени по писта облечени во патики што не успеаа ни да ја допрат површината по која требаше да газат.

„Ова се патики кои имаат надворешен слој од една заштитна сандала на која што ставаш самолепливо ремче и можеш да ја вадиш и да ја ставаш.”

Озбилни се.

Овие „штитници” за вашата скапа кондура, како што можеме да забележиме, се всушност една глорифицирана Биркенсток сандала. За разлика од едни обични кесички како тие што ги даваат на аеродром кога се соблекуваш бос (или тие на Никола Којо за во „ајкулата” во „Ми нисмо анђели”), овие штитници чинат 355 долари, и според претставничката на Санкуанз, Кортни Витич, воопшто не се нешто неочекувано. А новинарката Лили Темплтон ја надополнува:

„Се совпаѓа со естетиката на Санкуанз - некако дистописки, како да сака да каже снајди-се-каде-и-да-си-па-и-во-постапокалиптичен-свет.”

Изгледа мора да смислуваат вакви кованици за да им пројде сандалата за во двор што глуми дека е дел од некаков look.

Би можело веројатно и да се навлезе во дискусија за тоа дали ова е стејтмент парче, односно закачање со светот, со модниот фанатизам и друга некоја подлабока филозофија, да не се надеваше брендот отворено дека овој производ ќе стане мејнстрим, повикувајќи се на облекување во слоеви. До вчера, тоа значеше маици, кошули, џемпери, шалови и капути, па тоа да изгледа така боемски.

Сега пробува да значи патики врз патики. Се надеваме дека нема да има и трет слој во приказнава, иако Витич истакнува дека „нема граници на слоевите во облеката.”

За сè ова, реакцијата може да се објасни со едно едноставно видео:

8 февруари 2018 - 13:53