Дали, будало една

„Ако ја познаваш - ја мразиш,“ тврди Џон Ричардсон за Гала Дали, нарекувајќи ја „вираго“, „жената-пајак“ и „една од најјезивите сопруги што еден голем современ уметник ја закачил“.

Во1949-та се случува еден од поневеројатните настани на XX век. Салвадор Дали, заедно со жена му добива прием кај Папата Пио XII.

Затоа што и покрај тоа што е генијален, Дали е еден од водечките папучари во светот на уметноста, и затоа што бил под влијание на опсесивно амбициозната Гала, бил решен дека мора да ѝ се допадне и на Црквата и на режимот на Франко во Шпанија. Првиот чекор во план бил да се одобри неодамна завршената слика, Мадона од Порт Лигат.

Делото безобразно ја прикажува вечно полигамната Гала како Девицата Марија. Замислете какво трио без преседан е тоа: сликарот-надреалист, чии што претходни дела се Сквернавење и богохулната соработка со Луис Буњуел, неговата жена-нимфоманка и самиот Папа. Разочарувачки е што разговорот со Папата никој не го снимил, иако Дали се пофалил дека сликата многу му се допаднала.

Ова го истрескало од земја Андре Бретон, комунист, и нагалено наречен Папата на надреализмот, затоа што ова Далијевско прекршување на радикалниот анти-клерикализам на надреализмот ги преминало сите граници. Дури и му го закачил анаграмот од името „Avida Dollars“, но не бил Дали за некаков анаграм, туку Гала, главниот виновник за калта врз неговата репутација.

Еден историчар на уметноста, Џон Ричардсон, не ја фали баш Гала во неговата книга „Свети чудовишта, свети мајстори“.

„Ако ја познаваш - ја мразиш,“ тврди тој, нарекувајќи ја и „вираго“, „жената-пајак“ и „една од најјезивите сопруги што еден голем современ уметник ја закачил“.

Гала е родена како Елена Дмитриевна Дјаконова во Русија, 1894-та, се омажила за Пол Елијар во 1917-та, но сепак, била „премногу жена“ само за еден маж, па имала љубовници. И како што луѓето прават компромис дали машината за перење да биде Горење или Индесит, или дали ќе идеме во Грчка или во Хрватска на одмор, Гала успеала да постигне компромис со сардисаниот сопруг дека ќе живеат во тројка со германскиот надреалист Макс Ернст.

Анонимниот Дали, чија што единствена позначајна врска до тогаш е со Федерико Гарсија Лорка го среќава во 1929-та и го маѓепсува.

Се венчале со мала церемонија, (Гала лично од Папата си побарала да ѝ го прекине бракот со Пол Елијар и се разбира дека ја одбил) и никој не бил баш задоволен, вклучувајќи го и татко му на Дали. И Гала е таа што најчесто го охрабрува да ги прави тие деградирачки претстави во јавноста заради публицитет.

Подоцна, жената-пајак не може да постигне да ги одржува бројните помлади љубовници и го тера Дали како знае и умее да создава дела, и тоа во огромен број, за да им се зголемат приходите, за жал на сметка на интегритетот, па сега светот е „побогат“ со дела на Салвадор Дали каде што единствено „негово“ е неговиот потпис.

Дали, будало една.

Починала во 1982-ра, но не како што посакувала - во селото Пубол, каде што имало подготвено гробница за нејзе и Дали. Фактот што умира во Порт Лигат, придонесува за нејзиното последно, надреално прикажување: ја ставиле во кола, како да е сè уште жива и ја однеле до таму.

А Дали, очаен и ужален, ќе поживее уште 6 ипол години, експлоатиран од мршојадци кои Гала ја прикажуваат како да е Флоренс Најтингејл.

На крајот, секако се поставува прашањето, чиј што повеќеслоен одговор им стои над глава и на ентузијасти и на познавачи на ликот и делото: којзнае каков Дали ќе имавме, ако немаше ваква Гала.

16 јуни 2017 - 09:53