Дали апчето за контрацепција дебелее и зошто не?

Ако сте користеле, или планирате да користите, веројатно веќе сте ја начнале темата - што со тежината, и веројатно веќе неколку души ве опсипале со предупредувања. А колку повеќе приказни за здебелување, толку повеќе докази дека нема врска.

Една анализа направена во 2014-та разгледува 49 студии во кои нема никаква разлика меѓу жени кои се здебелуваат откако ќе почнат да користат апчиња за контрацепција и жени кои воопшто не користат. Истражувачите дури и провериле студии кои споредуваат типови на апчиња - па и таму не нашле никаква поврзаност.

А сепак, додавањето килограми сè уште ги загрижува жените на контрацепција со апче.

„Веројатно ова е најголемиот проблем што го имаат моите пациенти кога дебатираат дали да се префрлат на орални контрацептиви,” вели Мери Џејн Минкин, лекарка и клинички професор на катедрата за акушерство, гинекологија и репродуктивна наука на Јејл. „За жал, сите имаме тенденција да додадеме на тежина со тек на време, но тоа не е заради апчињата.”

Како почнува митот?

Како и секоја урбана легенда, има една нишка вистина: Кога прв пат се измислиле апчиња против забременување во ’60-тите, во себе содржеле многу висок процент на естроген и прогестин - пет пати повеќе од тоа што го содржат денес. Во високи дози, тие хормони навистина водат до зголемување на тежината бидејќи задржуваат течности. Има и по некој доказ дека прогестинот го зголемува аптетитот. И без разлика што ова било нормално пред 50 години, денешните хормонски апчиња би требало да имаат минимално слични ефекти - ако воопшто ги имаат.

Не мора ни да се секирате ако пиете апчиња кои се главно на прогестин - дури и ако е имплант со прогестин, или спирала. Анализа на 22 истражувања направена во 2016-та, заклучува дека едвај да има докази за зголемување на тежината кај жени што ги користат овие производи во споредба со жени кои користат други методи за контрацепција.

Што ако сепак се здебелите?

Ако се 2 до 5 кила во прашање, кажете му на докторот - некои жени се чувствителни на естроген и може да додадат на килажа заради задржување на течностите.

Често ова се враќа во нормала после три месеци. Ако не, тогаш можете да ги смените апчињата, во консултација со доктор.

А постојат и други варијанти (бакарна спирала, на пример), само треба да се праша. Иначе може да имате многу посериозни дилеми од тоа дали сте се здебелиле или не.

11 септември 2018 - 15:38