Да поднаучиме нешто за Лејди Гага

Нема да ве прашаме дали го гледавте A Star Is Born, затоа што сите тоа ќе ве прашаат, туку ќе прашаме: Дали го гледавте Gaga: Five Foot Two на Нетфликс? Многу, многу добро. И многу Гага.

1. Името Лејди Гага дошло во друштво. Пред петнаесетина години, Гага настапувала со вистинското име (Стефани Џоан Анџелина Џерманота), со бендот SGBand. За Вог има изјавено: „Другарите ме викаа Гага откако решив дека ми се допаѓа името ‘Лејди Гага', по песната од Квин, Radio Ga Ga. Точно ги отсликува моите две страни.”

2. Гага се почнува со музика многу рано, дури и се има откажано од факултет за да се посвети на тоа, ама и со глумење почнува рано, макар и ситно. На 15 години се појавува на блиц во Сопранови, а некоја година покасно и во The Hills. Кели Калтрон, извршен продуцент на The Hills вели: „Ја знаете Лејди Гага, ние ја ставивме во The Hills. Ви текнува на тоа? На никого не му текнува. Емтиви мора да си ја земе таа заслуга затоа што ја имавме Гага пред сите.”

3. Нејзиниот стил за настап не им се допаѓа на сите, во еден момент дури ни на татко ѝ. Се сеќава кога татко ѝ прв пат ја видел на сцена, носела „леопардско бикини со реси, каиш со шљокици и бапски гаќи, толку беше ужас, што беше фантастично.” Татко ѝ го изгледал целиот настап и ѝ рекол дека „била супер”, ама на мајка ѝ дома ѝ плачел дека „нешто не е во ред со детето.” „Мајка ми ми кажа дека мислеле дека сум луда. Многу луда. Подоцна ми кажаа дека им било тешко да гледаат и дека мислеле дека сум го изгубила паметот и не знаеле што да прават.”

4.Првиот хит, Just Dance, го пишува за рекордно време. „Многу бев мамурна. Ја напишав песната за 10 минути со (продуцентот) RedOne. И прв пат бев во холивудско студио. Многу чиста, огромна соба со џиновски звучници.” Прво имала проблем да ги убеди радио-станиците да ја пуштат. „Едноставно не звучеше како I Kissed a Girl на Кети Пери - која е убав, прекрасен хит и звучи како радио хит. Мојата песна не звучи како радио хит. Мислам, звучи, ама не звучи.”

5. Покрај тоа што ја сметаат за еден од најиновативните артисти во индустријата, Гага стои и зад револуционерна иновација во светот на парфемите. Кога работела на првиот парфем, Fame, на менаџерите во Коти им рекла дека сака течност која во шишето ќе биде црна, а прозирна кога се прска. „Почнав да се потам,” раскажува Јел Туил, потпретседателот за глобален маркетинг во Коти. „Реков, ‘Боже господе! Тоа е невозможно! Како може?’” И наскоро потоа, научници развиваат технологија што овозможува црна-па-проѕирна течност, и сега компанијата има патент за нејзе. „Заради нејзе постои најважната иновација во индустријата за парфеми во последниве 20 години,” додава Туил.

Додека сме кај Гага, ѕирнете ги нејзините одговори на 73-те прашања на Вог. И гледајте го Five Foot Two.

Ќе прави и шминка, знаете?

8 јануари 2019 - 01:28