Би купиле ли фрижидер за козметика?

Откако ќе се нафатиш да ги послушаш сите совети што ќе ги начекаш, од масирање со жад, до додавање серум на веќе постоечките производи дома и религиозно користење креми со заштитен фактор, дозволено е да заклучиш дека конечно си во чекор со целата потребна козметика нели? Не, уште фрижидер, и готово.

Баш фрижидер. Тоа се купува сега - фрижидер за козметика, или убавина, како сакате. Обично е мини-варијанта, и сите битни фаци во светот на козметиката се колнат во изладен производ.

Не било само до финото чувство на ладна маска - корисно е на отечено лице да ставиш нешто ладно, па козметика од фрижидер и тоа како ќе биде поефикасна отколку нешто што стоело на собна температура.

Расте и популарноста на природната козметика и брендовите од оваа категорија често ги ставаат производите во помало пакување, а без употреба на хемиски презервативи, фрижидерот станува потреба, а не луксуз. Да не зборуваме колку разликите во температура (обична, па температура во тоалет после туширање) можат да го оштетат производот.

Е сега, не можело било кој мини-фрижидер: има специјално дизајнирани за оваа намена.

The Makeup Fridge е мал и компактен, со полици и џепче на вратата за маски. За жал, доаѓа во финки, пастелни бои, а распродаден беше за неколку секунди. Сепак, фрижидер баш и не ви треба за мејкап - повеќе е за производи за нега на кожа.

Кои производи треба да се чуваат во фрижидер?

Маски, спрејови за лице и серуми, на пример. Ќе бидат супер изладени, ќе помогнат со отечено лице, ќе го зголемат сјајот и ќе намалат отоци. Особено ќе бидат фини после темелен третман на козметичар, или ласер. Ролер за лице, како тие погоре споменатите од жад исто би бил супер после престој во фрижидер и ќе помогне со лимфна дренажа за поцврста кожа. Исто така, сè што има витамин Ц (нестабилна состојка) ќе помине добро на ладно.

Што не треба да се чува во фрижидер?

Шминка не мораме и може дури и да стане потешка за користење. Исто и масла и балзами можат да се одвојат, или да се стврднат во однос на текстурата, па подобро е да се чуваат на собна температура. Парфемите би сакале да бидат на темно и ладно, но фрижидерот може да им дојде премногу. Доволно е да се чуваат подалеку од сонце и не во бањата каде што им пречи топлата пареа.

И, би купиле?

15 април 2019 - 00:19