Почина „Најголемата муза на рокот“ и бивша на Кит Ричардс

Анита Паленберг: Добро ми е што сум грда!

Некаде околу средината на ’60-тите, Анита Паленберг се пикнала на концерт на Ролинг Стоунс и тогаш ја почнала врската со тогашниот гитарист Брајан Џонс. Подоцна, го остава очајниот Џонс за Кит Ричардс.

Нагалено „најголемата муза на рокот“, Анита Паленберг вчера почина на 73-годишна возраст. Со Ричардс имаа три деца и беа во врска 12 години, пред да се разделат во 1979.

За нејзе, една од девојките на Мик Џегер, Мариен Фејтфул, во својата биографија пишува вака:

„Како Анита се спои со Брајан е всушност и приказната за тоа како Стоунси станаа Стоунси. Речиси сама создаде културна револуција во Лондон, спојувајќи ги Ролинг Стоунс и живиот, богаташки млад свет. Стоунс имаа една патина од аристократска декаденција која служеше како совршен контраст на сировиот блуз во нивната музика. Ова ги трансформираше Стоунс од поп-ѕвезди во културни икони.“

Жената, која никогаш не ни помислувала дека ќе дочека да стане баба, ја опишува рокерската декаденција на „девојките на рокерите“ баш како што светот ја замислува:

„Со Мариен Фејтфул секогаш бевме оставени сами, додека Кит и Мик снимаа, и се дружевме. Си седевме, се дрогиравме и одевме кај Џон Пол Гети дома, затоа што тој беше последна станица и секогаш имаше дрога.“

Кит Ричардс, во неговата автобиографија во 2010:

„Сакам жени со ведар дух. А со Анита знаеш дека имаш работа со Валкира – жена која одлучува кој ќе умре во битка.“

Дури и по завршувањето на врската, Паленберг и Ричардс беа блиски. Во едно интервју за Ролинг Стоун во 2010-та, тој се сеќава:

„Тешко беше. Истовремено, цело време нè следеше љубов која ги надминува сите други работи. Можам да кажам ‘Те сакам, само нема да живеам со тебе.’“ Сега сме горди баба и дедо, а мислевме дека никогаш нема да го доживееме тоа.

(Сите мислеа, Кит, сите.)

Паленберг се откачи од дрогата и алкохолот, и трезна успеа да добие диплома за моден дизајн од Сентрал Сент Мартинс во Лондон. Се врати и на глумата и се појави во Mister Lonely и Cheri, а на интервјуа зборуваше за нејзиниот опуштен живот, исполнет со градинарство и уметност, дури и ботаничко цртање.

Кортни Лав еднаш ја праша дали би размислила за пластична операција. Анита наводно одговорила: „Драга, јас бев најубавата жена во седумнаесет земји. Добро ми е вака грда!“

14 јуни 2017 - 10:09