Повод за частење:

Ако сте со усул, шеќерот ич не е лош

Фино е да се шират добри вести, ама помина доста време од последниот повод за частење кога дознавме дека тестенините не дебелеат. За частење беше и што Wet n Wild дојде кај нас, ама малку работи придонесуваат кон позадоволна душа како тесто и шеќер.

The Outline објави статија, „Кој се плаши од шеќерот лош?” и таму удел има Ивет Дантермон, аналитички хемичар со историја во форензика и токсикологија и кариера во пишување за трендови кај здравјето: ги отпакува, ги разоткрива и им поставува прашања до бескрај. Според нејзиниот вебсајт, долго време ја гледа алтернативната медицина и псевдонауката со недоверба, а до вирален статус стигна кога напиша „Блогерката Фуд Бејб е чисто срање” за Гокер во 2015-та.

Сега сака да ни каже нешто за шеќерот.

„Наводно, шеќерот нè убива, а?” прашува таа. „Сакате рак, сакате гојазност, акни или што и да му се случува на Стив Банон, некој обавезно изјавува дека шеќерот е крив... Ајде малку научно да го погледнеме тоа и да се опаметиме за послатките делови од животот.”

Потоа зборува за многуте обвинувања против шеќерот во последниве години, како на пример дека е дрога од навика, полош од мастите, или дека предизвикува хиперактивност, Алцхајмер, дијабетес и рак. И еден по еден ги руши митовите. И плус, заклучува: шеќерот е шеќер, од каде и да доаѓа.

Ви текнува, сите тие муабети за додаден шеќер наспроти природен шеќер наспроти мед, наспроти фруктоза, наспроти рафиниран шеќер? Еден куп блогери и нутриционисти се наполнија со пари на таа тема, ама дали било фер така? Затоа што, Ивет на сето тоа ќе ви каже „булшит”.

„Често се појавува тоа погрешно сфаќање, дека шеќерите од овошје се божем подобри за вашето здравје, отколку на пример, шеќери од гумени бонбони, ама тоа е затоа што едно јаболко има многу помалку шеќер од гумени бонбони,” вели таа. „Простите шеќери сите се метаболизираат на ист начин. На вашиот панкреас не му е многу гајле од каде ќе дојдат, само дали ги добивате или не.”

Понатаму, објаснува и други материјални разлики меѓу гумените бонбони и јаболка (нели, јаболката имаат растителни влакна, витамини и минерали, а другово не), но сепак додава дека „не можете да заработите многу пари ако напишете книга за диета што ќе советува ‘а бе, само пазете на калории.’”

Дантремон не е господ по ова прашање, но сепак е фино да се види малку скепса, наместо да се расфрламе со екстремизам по Фејсбук-групи за хроно и други типови на здрава исхрана, плус да се научиме дека не секој ред чоколадо ни ја запечатува судбината.

13 ноември 2017 - 13:27