Ако не сакаш да го шокираш организмот со дигитален детокс

Ви се бега од интернет и технологија? Не мора да биде толку строго и како со нож пресечено.

Дигитална детоксификација звучи супер, особено во вакво гадно време кога се сее отров секаде на интернет, па човек мора да глуми куратор на информациите што ги прима за да не полуди. Сепак, малку е амбициозно да решиш „гасам интернет”, со намера да не пипнеш никаква технологија и со денови да не видиш вифи бранчиња на екран.

Глупи се тие општи изјави „a be ova smartfonive se krivi u pm”, бидејќи реалноста е дека, тоа што се потпираме на телефони и таблети за скоро сè во секојдневниот живот и не е така страшно.

Затоа, наместо да ставите се по фиоки, би можеле делумно да се одвоите од дигиталниот свет, без тоа да биде драстична промена.

Бирајте нотификации

Се разбира дека ќе имате потреба да се информирате за одредени работи. Локација за среќавање со луѓе, бординг пас за пат, и слично е океј, ама не мора да добивате нотификации за секој лајк и коментар. Исклучете ги нотификациите за социјалните мрежи, за да проверувате само кога вас ќе ви текне, а не под притисок на нотификацијата. Ако сте на одмор, мјутнете ги и групите од работа. Нема потреба да добивате нотификации кога не сте таму и не можете да направите ништо.

Супер финта е да ја ставите Фејсбук (Твитер, Инстаграм, што и да ви е отровот) иконата на телефон најдалеку што може, таму на последната страна на менито, заедно со апликациите што ви се симнати од јануари, а уште не сте ги пробале. Освежувачки е да се подзаборави.

Привремено исклучете го работниот мејл од телефон

Веројатно и мејлот од работа ви е меѓу другите акаунти на телефон, и паметно би било да го исклучите. За тие што сепак чекаат нешто важно, ставете “out of office” порака, за да не чувствувате обврска да одговарате. На испраќачот што го чекате, ставете му ВИП статус, за да не гребуљате низ пораки и мејлови за да го најдете.

Ставете алерт за одредени вести

Баш и не мора сите вести да ги пратите додека сте на одмор. Сепак, ве интересира конкретна работа? News alert, по клучен збор ќе ве спаси од целиот отров што мора да го прочешлате за да стигнете информацијата.

Вака излегува дека технологијата помага да се изолираш - ако знаеш да ги изнајдеш вистинските копчиња.

6 август 2018 - 08:27