Грендмастер Флеш доаѓа во Скопје

На 26 февруари, во ноќниот клуб Станица 26, со почеток во 21 часот, двочасовен диџеј времеплов и едукација за сè она што значи хип хоп од 70те години па се до денес.

Оваа рап легенда е роден во 1958 година на Барбадос, а љубовта кон грамофоните му се родила уште во тинејџерските години, откако со своето семејство се преселиле во Бронкс. Кариерата ја започнува во раните 70ти, како диџеј на приватни забави заедно со Kurtis Blow и Lovebug Starski. Кон средината на 70те ја оформува својата прва група, во која членуваат Cowboy, Melle Mel, и The Kidd Creole. Групата првично се нарекувала „Grandmaster Flash and the 3 MCs“, а ќе остане запаметена по тоа што нејзиниот член Cowboy го измислил терминот „Hip-Hop“, a Melle Mel е првиот кој се нарекол себеси MC (Master of Ceremony). Со приклучувањето на Rahiem и Scorpio, бендот се преименува во „Grandmaster Flash and the Furious Five“.

Додека ги проучувал стиловите на своите идоли, Grandmaster Flash ги креирал некои од техниките, кои и до денес се стандарден дел од диџеј науката (Backspin Technique, Punch Phrasing и Scratching). Во последнава декада тој издаде еден мемоар, започна свое радио шоу, ја доби “BET I am Hip-Hop Icon” наградата, се појави на видео игра, а неговиот лик е дел од Netflix серијалот “The Get Down”. Човекот кој го сметаат за главен „виновник“ што денес грамофонот е музички инструмент, во моментов работи на својот 12ти студиски албум.

 

19 февруари 2019 - 08:16