Во слава на Горан Стефановски

Најдобриот и најзначајниот македонски драматург, Горан Стефановски, почина во Англија, на 66 годишна возраст. Греота, греота.

Му имавме пишано на самиот почеток на нашата идеја интересни луѓе да ни пуштаат музика, објаснувајќи му дека е тоа истата онаа љубопитност со која некогаш се буричкаше по нечии туѓи плочи, за да се види што човек е. Се израдува ко мало дете.

„Трендо, идејата ти е сјајна и ја прифаќам со голем ќеиф и акламација. Фала богу некој да предложи нешто по мерка на човек,“ пиша од неговиот меил кој го имаше Дебар Маало во насловот.

Којзнае за што сè го имаат тапането од Македонија, да им се произнесува за „битни“ теми, штом ова вака го развесели.

Ги препрочитуваме меиловите. Убав човек. За мерките нека суди вечноста. Мирно небо, Горане.

Подолу е избор од она што го имаме од Горан на сајтов. Читнете нешто по свој мерак, чудесен е тоа ракопис. Страсен а питом, моќен а ранлив, со душа која шета секаде ама секогаш се враќа дома. А дома е онаму кајшто боли:

„Интересен сум само во тој дел од секунда, додека не се изјаснам, додека не видат на кој тас ќе го ставам мојот политички влог. Чекаат брзопотезно решение не квадратура на кругот. Шеговито велам дека сум драмски писател и дека ме интересираат сите страни. Се препотувам. Разочарани се, ме гледаат кисело. Веднаш ме исклучуваат и од двете партии. Очекувале графит, а не пиеса“.

 Пофалба на обратноста

*****

Мојот Одисеј вели дека домот е таму кадешто боли. Мене единствено битно ме интересираат и радуваат и болат вестите од Македонија. Јас со години се мувам по Британија, но ниту многу ја разбирам ниту пак многу ме интересира што се случува во северна Ирска, тоа не е моја работа. Но затоа секоја вечер ги гледам вестите на интернет од дома и читам македонски печат. Домот е таму каде ви се вестите. Таму каде што ве сакаат и таму каде ве мразат.

Како се сука театарска пита (интервју)

*******

"Не знај да напои магаре вода, а не да пиши книга"

Ова критичко-саркастично осило сведочи дека нашиот народ одамна имал здрав и ироничен резон и темелна недоверба кон стихоклепците.

Македонецот и читањето

*********

Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!

Што викаше Димитрија во „Диво месо“

********

Прилепчани не се мирисаат со битолчани, во еден град не се поднесуваат две маала, во едно маало две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез два стана, во еден стан две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајца се мразат самите себеси. Каде води тоа?

Алтана да ви каже нешто

********

Треба човек да се сврти кон убавите спомени. Како на пример оние од летото 2013, кога театарските работи ни се вкрстија на Јадранот. Го сликав на теренот за боќање на Бриони. Му ја испратив таа фотографија. Сиот е во жижа, има ласерска прецизност во очите, концентрација на самурај. Сега и тука! Вечноста зависи од секој поединечен миг. Глумец пред публика, на отворена сцена.

Простувањето на Горан Стефановски од Небојша Глоговац

*******

Данска стана глобален супермаркет, пустина на смисла, неолиберален затвор, со деноноќни онлајн дистракции и спинови. Хамлет е раздробен во парчиња. Небото е празно како издишан балон.

Горан Стефановски: Шест белешки за пристапот кон „Хамлет“

********

Идадија беше ринг, вежбална за тој голем, убав и суров свет, маалски универзитет – таму се држеа лекции кои не ги учевме на училиште, а за кои интуитивно знаевме дека се пресудни за преживување: лекции за припадност, чесност, лекции за тоа како да се дочекаш на нозе доколку паднеш и како да станеш таму кадешто си паднал. Тоа беше вежбална за љубов и севда, за трампа и трговија, за шегачење и политички проценки. Идадија беше јавна трибина, берза, кантар на маалскиот дух.

Горан Стефановски за Идадија

*******

Музиката која ја сакаше Горан

Откако ја отслушавме неговата музика на сајт, преписката на таа тема заврши најмаалски во свет:

Хеј царе,
Фала ти за дружбата и убавата музика.
Палката ја презема Фераловецот Предраг Луциќ.
Било је часно слушати са тобом. Се читаме/гледаме за убави работи.
твој,
Миле Лојпур од Карпуш
*********
Све иде у војни рок!
Дозвол'те да се удаљим,
редов Пепер

27 ноември 2018 - 23:26