Почетни последици, другите допрва ќе следат

Не (за нив!) сето тоа не постои, бидејќи директно не ги засега нивните џебови. Дури кога џебот ќе им се загрози, почнуваат да врескаат и да лелекаат, налик на недораснати деца на кои сонуваните сонови не им се оствариле. Навикнати на лилихип, џиџе и на полн џеб, сега се чувствуваат како неостварени и навредени капетани беле лаѓе.

Веднаш после објавувањето на резултатите од распределбата на средствата за култура, голем број на луѓе од културата, подржувачи на оваа власт и активни учесници во Шарената револуција, почнаа да го манифестираат своето незадоволство.

Меѓутоа, не на оној начин на кој тоа го правеа за време на „револуцијата“, туку вербално, во колумни или изјави, употребувајќи (на дело) двојни аршини во манифестирањето на незадоволството – еднаш на улица, со фарбање, демолирање и аздисување, вториот пат сосема поинаку.

Целта на нивната критика била неадекватната поделба на средствата за култура, несфаќајќи (несфаќајќи?) дека распределбата претставува само п о с л е д и ц а, нормален р е з у л т а т од радикалната промена на политичкиот систем на Република Македонија.

Ниту збор да кажат за Рамковниот договор од 2001 година; за територијалната поделба, која резултираше од него; за двојазичноста, која е само една од многуте последици на Тиранската платформа, како и парцелизацијата на државата и на власта по етничка линија; за Договорот со Бугарија и заробената историја и нација од страна на Бугарија; или за Спогодбата со Грција, од која произлегува промената на името. Исто така, ниту збор за начинот на кој оваа власт се устоличи и кој беше надвор од Уставот и Деловникот на Собранието...

Не (за нив!) сето тоа не постои, бидејќи директно не ги засега нивните џебови. Дури кога џебот ќе им се загрози, почнуваат да врескаат и да лелекаат, налик на недораснати деца на кои сонуваните сонови не им се оствариле. Навикнати на лилихип, џиџе и на полн џеб, сега се чувствуваат како неостварени и навредени капетани беле лаѓе. Земјата е полна со Шоиќи не/Сречковиќи!

Таму каде што само формално постои влада (всушност, механички збир на различни политички, партиски и етнички интереси, дојдени на нерегуларен начин) и ништо друго не може да се очекува освен она што се (и ќе се!) случува! Имено, не може поинаку да функционираат, бидејќи секое министерство, секоја комисија, секое владино тело е зачаурено во себе и подредено на интересите на неговите членови и на таканаречените етнички з а е д н и ц и.

Да, токму така – з а е д н и ц и, како во Република Македонија да живее збир на муви, оси, инскети, ајвани. Едноставно, во неа живеат заедници/колективи, наместо граѓани, индивидуи, односно луѓе-поединци.

Љубомир Цуцуловски (ФБ)

12 февруари 2019 - 17:14