ад-хок бавча

Македонија одбива да умре

Великоумни мозгања на тема Македонија не ни се најомилени. Овојпат сепак објавуваме еден разумен памфлет со прилично нови решенија (да речеме, грчките Македонци еден убав ден контаат дека се браќа со нас а не со тоа Грците). Плус, на @rnixn e, а ние него сме го трпеле и повеќе кога серел. Ајмо Никсон, да чуеме.

Едно сениште врти низ Европа. Сеништето на Македонија. (добро, не е само едно сениште, и ова не е комунистички манифест, ама ова нас не прогонува). Ова сениште бара - и добива - место во ОН, се суди по судови, бара права и јазик, учествува во војни и мирови, признава и не признава други држави, дава и зема пасоши, и воопшто, се однесува исто како што се однесуваат и сите други држави на планетата Земја. Ова зомби, кое зафаќа и не дава премин (без пасош) низ одредена територија на сред Балкан, посебно иритантно се однесува кон сопствените соседи, кои, како што ги учи историјата, е одамна мртво; па нив ги лазат морници од сопствениот сосед, како во секој добар хорор филм, пу-пу, скраја да е од вакви носферату држави, како баш до нас ни се погоди. А малце ли беше срце, рак, сида и промаја.

А сѐ можеше да е многу поедноставно.

Сте чуле за Галиција? За Дакија? За Прусија, Етрурија, Хазарија? Сте чуле, секако, ама не сте ги виделе. Ги нема. Не се измислени, ама ги нема, дека ги збришало времето. Биле тука, оставиле трага, и сега се наоѓаат во историските читанки. Народите кои живеат на нивната територија се обидуваат да дознаат нешто за нив, или се гордеат со нивното наследство, кое се чува како капка вода по музеите. На времето, пред 100 години, Европјаните се договориле дека во овој, инаку славен круг на држави, припаѓа и Македонија. Ѝ потпишале умреница, а нејзината територија ја раздавале по комшии, како што е обичај, за душа. Веројатно дека не можеле да ја одвлечкаат по дома, дека голема за во музеј. Па си отишле задоволни од Букурешт, со завршена работа и потпишани хартии. Така се обезбедува мир.

И, еве ти проблем. Иако правно мртва, Македонија одбива да умре. Да ја снема. Да се помири. Да стивне, да се пресели во книгите и археолошките наоѓалишта, како што е ред. Некои будаличишта цело време ѝ ја држат свеќата, како на Носферату, несмирениот, нечестивиот. Гинат, даваат животи и имоти, ги учат децата на будалаштини, кои ги учат своите деца на уште поголеми будалаштини, чуда и безобразлуци. Резултат? Македонија воскреснува! На згрозување на секој чесен и образуван Србин, Грк или Бугарин, на згрозување на потомците од европската аристократија со пенкалата од Букурешт, еве ја пак! Се појавува на историската сцена, се поклонува и... почнува да бара. Она што ѝ припаѓа. Она што им припаѓа на сите.

Па добро, велат сите, ајде, сега се други времиња, нека е жива и здрава, кога така се погодило да преживее, грешки се возможни дури и во хирургија, нека ја, нека трепка, нека постои.

Сите? Е не сите. Се сеќавате на соседите? Оние здебелените од територија? Најадените од задушница? Е тие. Ќе се врти небо и земја, ќе се моли, ќе се плаче. Ќе се лаже и измислува, ќе се блокира и уценува, дека овие некои, од Македонија, лажат, крадат и измислуваат нација и држава. Па секој Бугарин кој држи до себе знае дека ние сме едно и исто, секој Србин со трето одделение знае дека Македонци се Срби (стари, додуша, дека Стара Србија), а секој Грк (Грк?) знае дека Македонци се само едно од грчките племиња од антиката, а овие од северот се... (и тука драмска пауза, зошто никој Грк не знае овие од северот кои се и што се). Ама Македонци, не се.

Грција, растргната сама од себе, разулавена, хистерична, должна како Грк, ја предводи пародијата на меѓународна политика, резилејќи се постојано и бесрамно, и ставајќи ги во непријатна позиција сите со кои разговара и кои некогаш ја сметале за пријател и сојузник или едноставно, возрасна и зрела држава. Бугарија, според својот стар и познат табиет, терцира, ама многу внимателно засега, за да не го изеде таа по носот. Србија засега се уште никој ништо не ја прашува, ама ако дојде во ситуација да биде прашана, за црквата на пример, само можеме да претпоставиме какви чуда и покори ќе изроди. И се тоа со цел да се одложи, забави или сопре неумоливиот тек на историјата, сѐ надевајќи се на чудо дека во меѓувреме Македонците ќе се попишманат, ќе изумрат од страв или од глад (блокада!) или од нешто, или дека ќе ги изеде нивниот преостанат неспомнат сосед, Албанците. И дека така ситуацијата ќе се реши deus ex machina.

Сироти Грци. Така доаѓаме до оние монтипајтоновски ситуации, во кои на плажите на нивната провинција Македонија кафанџиите се потрудиле да напишат мени на 100 јазици, ама не и на македонски, зошто е забрането. Иако 50% од туристите се од Македонија, а има тројца Чеси и 7 Романци. Нема никој од Украина, ама знамето им се вее на плажа заедно со неизбежното српско знаме. Или оние глупости со налепниците на регистрациите, шкртаници по автомобилите, и да не споменувам печати на пасош на тоалетна хартија. Демек пасошот не постои, ама овој на граница пак го бара. Иако, нели, не постои.

Се спомена грчка провинција Македонија? Со дефинирани граници и територија и самоуправа? Луѓе паметат дека таа е воспоставена во 1974 година, на инсистирање на Македонците за да може да се разликуваат од останатите грчки територии. Претходно, на самото споменување на зборот Македонија можело да се заглави сериозен затвор. Дека диктатура.

Ова нè носи на клучното прашање: кој народ живее во Солун, солунско и општо во Македонија; грчката провинција Македонија? Па, прашајте ги нив. Ќе ви кажат дека се Македонци. Нема да пропуштат да ви речат дека се грчки Македонци, оние кои зборуваат на грчки јазик. Обидете се да навлезете малку подлабоко во идентитетот. Ние, луѓето отстрана, имаме склоност Грците да ги гледаме како монолитна нација. Што е далеку од вистината. И сами знаете каква разлика постои помеѓу што знам, кумановци и струмичани, на 150 км. растојание, а и едните и другите очите ќе ви ги извадат ако им кажете дека не се Македонци. Кој живее на Кипар? Ако прашате во Атина, ќе ви речат Грци, ама прашајте во Никозија или Лимасол? Е тоа е измамата која Грците се обидуваат дека ќе ја продадат на светот, дека јазикот ја дефинира нацијата. И дека си Грк ако зборуваш грчки, и имаш славна грчка историја која е претходник на денешната цивилизација и која... мајко мила.

Вистината е дека постои голема разлика помеѓу (Грците) кои живеат во Солун и Грците од Атина и атинско. Обидете се во Атина да поставите скулптура Воин на Коњ, по име Александар Трети и видете што ќе ви се случи. Истото што и во Техеран, човекот е омразен таму. Да ја смениш историската епоха од хеленска во хеленистичка, а притоа да те лажат дека тоа го направил Хелен. Има логика, само доколку Хитлер бил Евреин. Самоубиец, додуша, ама Евреин.

Е, таква скулптура гордо е исправена во центарот на Солун. Исто како и во центарот на Скопје, само нашата не е исправена, туку се гледа од Месечината. Што е малку претерано, зошто требаше да се гледа само од Вашингтон, ДЦ, ама ајде. Против кого се пишувани Филипики? Кој кому давал да се напие отров при опсада? Кој не бил пуштен да се натпреварува на Олимпијада, со дијагноза дека бил варварин?

Да не ја дрвам понатаму, постојат многу такви врзивни точки помеѓу Скопје и Солуневропја, тоест помеѓу Црвената и Сината Македонија. На општ ужас на Атина и на грчката политичка елита, црква и секаков естаблишмент – од трговски комори до спортски друштва -, која игра исклучиво само на единствената преостаната точка на поделба - јазикот. Така, македонски јазик не постои, никогаш не постоел, или не знаеме дали постоел, ова што е денес македонски е некаква словенска будалштина, а овие од Солун и онака зборуваат грчки, значи се Грци и така тоа во недоглед.

На денешно време, јазикот не ја дефинира нацијата; обидете се тоа да им го продадете на Шкотите кои го заборавиле сопствениот пиктски, недајбоже на Ирците кои се обидуваат да си го вратат келтскиот, или, божепростиме, на Американците. Не оди тоа така, всушност, не оди никако. И тука е целата морална паника која се создава околу денешната грчка држава: создадена е на погрешни премиси. Во право време, додуша, ама на погрешни премиси. Еднаш, ќе исчезне стравот, и ќе се постават храбри прашања. Што ќе се случи ако грчките Македонци се еманципираат? Што кога ќе разберат дека повеќе се поврзани со нивните словенски сонародници, отколку со Атина? Што која ќе сфатат дека Солун е природно главен град на држава, а не провинциски грчки град? Што би недостигало на држава во која постојат општини кои говорат грчки и такви кои говорат македонски? Што ако економскиот прогрес лежи во природните патишта на поврзување, а не на хегемонијата на Атина? Централна банка, даноци? Трамвај? Што со заедничката македонска култура, историја и традиција? Зошто би ја игнорирале старата слава, на пример изумот на кој денес пишува половина планета, кирилицата, изумена од -солунските браќа? Што точно ѝ недостига на двојазична држава? Не постои таква? (сега замислувам како некој, или некои, читајќи го овој текст, ќе се превртат од столица од изненадување: Чекај бе - за друго ова беше замислено, не за ова!!) Грција, каква што ја знаеме денес, отиде. Во историјата. И тоа е изворот на целата морална паника и хистерија која е создадена околу Македонија во последниве 20 години, а не како што се мисли кај нас, имотите на протераните Македонци – бегалци од граѓанската војна, или интересот на не знам кои големи сили.

Меѓутоа, ова е неминовен процес. Исто така, денес е 21 век, и за создавање на една таква држава ничија мајка нема да биде завиена во црно. Ничиј татко, син брат или сопруг нема да исчезне или загине, како што било ред низ историјата. Едноставно, ако се дозволи влез на Република Македонија во ЕУ, каде сите граници се релативизирани, овој процес ќе помине безболно и брзо и на ниво на локален фолклор. Никој ништо нема да забележи, а данок секако некому плаќате. Кошаркарска лига во која во финалето играат Солун и Скопје, испаднале Битола и Кукуш, а Банско, дека трупови, отпаднале во квалификации и игра со Лерин за што и да е, за нешто. Да не ве мрцварат кога поминувате низ Дојран. „Мори моми костурчанки" се пее во Костур, конечно. На менијата ќе пишува и македонски, и нема да ви ја шкртаат колата. И толку.

Ама, не, политичките елити на Балканот се навикнати да работат во корист на сопствената штета. Со малтретирањето на Македонија во евроинтеграциите, се добива привид на големина на сопствената нација, чии „интереси" се бранат, притоа игнорирајќи ја реалноста. Решението се гледа во држење на северниот сосед во економска апатија и политички безизлез, па кој би сакал да разговара со Буркина Фасо? Потребна е само мала искра на луцидност, некаква локална грчка македонска партија од слободномислечки луѓе да го постави овој проблем на маса, да ја прошири идејата, и тоа ќе букне како пожар. Ќе почнат конечно да се поставуваат правите прашања, и ете национална хаварија која можела да се избегне. Изгубеното време не може да се врати. Истата работа ќе мора да се заврши, но со многу поголема цена. Истово ова важи и за Бугарите, но и тие не ги гледаат дрвата од шумата, занесени во успехот на нивната евроинтеграција.

Системски, не постои разлика меѓу црвените и сините Македонци. Историчарите знаат, археолозите знаат. Политичарите знаат, ама се препотуваат кога ќе се сетат на тоа. Наместо да го забрзаат и олеснат и цивилизираат овој процес, тие системски работат против тоа, мочајќи спроти ветер. И потоа излегуваат смешни пред (квалификувана) публика, која ги слуша со затнати носови.

Кој кого сака да словенизира, а кој кого мисли да погрчи?

@rnixn

30 август 2013 - 09:24