Кога перјаниците на планското дилетантство ќе стивнат

Само трудот и константното подобрување на сопствените компетенции е вистинскиот пат. Или поточно, едниот пат. Емиграцијата е другиот.

Македонија е земја во која елитите, моќниците и бирократите да се трудеа, немаше да успеат да создадат поодвратна средина за младите, го слушам гласното размислување на еден пријател седнат спроти мене пред некој ден и си мислам, што ако всушност, се трудат?

Што ако консеквентното масовно иселување не е друго освен плански и добро организиран тренд, кој пред сѐ оди во прилог на бизнис и другите интереси на ултра-моќните, како кај нас така и во европски рамки?

Масовното иселување на работоспособните млади луѓе и младата интелигенција не е ниту непознат, ниту нов, ниту ексклузивно македонски проблем; напротив, истиот е присутен повеќе децении во земјите во развој и според бројни анализи е токму една од главните причини за котинуирана економска, а со тоа и една сеопшта стагнација на овие општества.

Експлозијата на brain drain – brain gain доведува до загуба на вредни професионалци од сите области, клучни за функционирањето на еден систем и општество, почнувајќи од медицинските и останатите научно-технолошки институции, продолжувајќи со егзодус на младите бизнисмени и работодавци (покрај другото, директна загуба на даночните приходи), висококвалификувани работници, врвни уметници и културни работници и најважно, загуба на идеи кои би можеле да го спречат ова.

Масовното иселување доведува до губење на довербата во економијата, што практично го оневозможува економското закрепнување, правејќи ја земјата уште толку непривлечна за следните генерации, со тоа потенцијално создавајќи неконтролирана спирала која води до целосен институционално-општествен колапс.

Сето ова подразбира повторно исцртување на светската мапа на економски, научен, технолошки, културно-уметнички, спортски и секаков друг план, а ова низ историјата се илустрирало со бројни примери, од затворањето на Платоновата Академија под Јустинијан (крај на една од најзначајните академски институции во историјата на човештвото), преку протерувањето на Језуитите во Ј. Америка (кое довело до драстично опаѓање на земјоделското производство), бегството на Евреите за време на фашизмот (кое придонело САД да заземат лидерска позиција на светската научно-технолошка и академска мапа) и тн.

Но, освен сите овие негативни нуспродукти, заминувањето на човечиот капитал придонесува и за зацврстување на позицијата или дополнително вкоренување на некои структури во домицилните средини.

Да се навратиме на еден пример од античката митологија или Теогонија на Хесиод, каде Хронос (или Сатурн = обоготворение на времето), син на владетелот на вселената – Уран (или на латински Целус), станал љубоморен на татка си за неверојатната моќ и со помошта на мајка си Геа (= земја) успеал да го кастрира и убие. По ова, Хронос решил да направи сѐ за да го осигура космичкиот престол, ги затворил Хекатонхирите и Киклопите кои му се виделе како единствена опасност и успеал да владее долги години.

Сепак, откако сфатил дека некогаш ќе мора да го изгуби престолот, а според пророштвото, неговото место, како одмазда за она што се случило со него и неговиот татко Уран, би го зазел некој од неговите синови, Хронос решил да ги изеде своите пет чеда кои ги имал со сестра си Реа, боговите Хад, Посејдон, Деметра, Хестија и Хера. Сепак, Реа одлучила тајно да го роди нивниот шести син, Зевс, на островот Крит. И како што тоа бидува со митските пророштва, синот повторно го убил татка си, а со тоа успеал да го заземе и космичкиот престол и да ги врати своите браќа и сестри.

Сепак, во митологијата останува да виси прашањето околу фундаменталната и појдовна причина за долгогодишните стравови на Хронос – дали овие стравови можеби биле резултат на сомнеж во сопствената некомпетентност/неспособност за оддржување на престолот, односно свесност дека кога-тогаш на истиот би се нашол некој кој би израснал во поспособен или покомпетентен?

Стравовите на Зевс, наследникот на Хронос, иако не непосредно врзани за губење на престолот од негово чедо (освен можеби Арес), сепак се стравови врзани за идејата дека истиот би можел да биде преземен од некој покомпетентен од него, некој кој ќе го усоврши патот до сопствената себеизградба достигнувајќи ниво кое би можело да се испостави како загрозувачко, како што се потврдува со неговото брутално казнување на Прометеј кој го симнува огнот предавајќи го како алатка на човечкиот род (со што човечката цивилизација заедно со Арес, богот на војната, го стекнуваат потенцијалот за преземање на моќта).   

Митската свест согласно Хесиодовата експозиција вели дека стравот од губење на моќта заради повисоката компетенција на трета единка е природна и општочовечка карактеристика, но ниту таа, ниту психологијата во ниедна насока не даваат оправдување за оној што врз основа на истиот се одлучуваат за радикални одлуки за елиминација на носителите на потенцијалната опасност од преземање на моќта.

Еден од називите за (физичка, професионална, психичка) елиминација на компетентните од страна на моментните носители на моќта е секако негативната селекција, која етимолошки потекнува од доменот на биологијата, односно природната селекција кога единките бираат партнер без штетни алели (варијации на гени) при што доаѓа до намалување на густината на ваквите штетни алели или со други зборови, станува збор за заштитен механизам на една популација кој го спречува ширењето на негативните мутации.

Не се неопходни стручни анализи за да се дојде до заклучокот дека негативната селекција во природата и општеството се носители на дијаметрално спротивни и суштински контрастни значења. Наспроти улогата на „заштитен механизам за добрите гени“, во општествената и вообичаена конотација, негативната селекција е заштитен употребен механизам за оддржување во живот на неквалитетот, што ултимативно доведува до постепено опаѓање и пропаст на цели општества, а како пример би можел да послужи и случајот со Римската Империја со оддржувањето на власт на „императори-кукли“ од страна на вистинските властодршци, што завршило кон крајот на 5. век кога варварскиот владетел Одоакар решил да симне еден таков „император-кукла“ по име Ромулус Августус, со што е и воедно означен крајот на Западното Римско Царство.

Ваквиот „владетелски куклен театар“ со втемелен врз корупција, непотизам, партократија, картелство, бирократија и сите други „сектаријански“, недемократски изблици во сите сфери (од бизнис-секторот, преку културата, спортот и тн.) имаат заеднички енергенс чие име е негативната селекција или планското дилетантство, алфа и омега push фактор на масовното иселување на младите во денешницата, вратоломно упатена кон владеење на најнеспособните и најмалку успешните или какистократија (во буквален превод, владеење на најлошите).

Од друга страна, не смееме да ја потцениме и улогата на самиот народ врз вкотвувањето на принципот на негативната селекција, како во институциите од локално и централно ниво, така и во самиот менталитет, при што вториот случај го разводенува значењето на првиот, оневозможувајќи секаков обид за објективен увид во енормното уназадување, што пак го трасира патот кон прифаќање на негативната селекција како безмалку нормален и природен феномен во либерално-капиталистичкото уредување каде од централно значење е способноста за снаоѓање.

Се случуваат мачнини во стомакот кога ќе размислиш (за можноста) колку долго и сеопфатно негативната селекција се спроведува плански и организирано, како по институционален или бирократски пат, така и во сфери од фолк психологијата кои фацилитираат омраза кон супериорните или т.н. синдром на високо куче (анг. tall poppy syndrome), феномен кој Макс Вебер го објаснува како игра на нулта сума, ситуација во која стекнувањето со успех (статус, престиж) на член во една заедница (како резултат на ограничените можности за општествена валоризација) приморува други членови-агресори да го намалат неговиот статус со цел подигање на сопствениот, концепт сличен и на феноменот „ракови во кофа“, кога раковите ги симнуваат оние кои се обидуваат да се искачат над нив.

И не што треба постојано да се посочува разорувачката, канцерогена природа на планското дилетантство во нашите институции, но и во општеството, туку активно и со натчовечки труд да се работи на нејзино изолирање, до енкапсулација, до сечење на спроводните мрежи на принципот „свинско црево“, затоа што само трудот и константното подобрување на сопствените компетенции е вистинскиот пат.

Или поточно, едниот пат.  

Емиграцијата е другиот.

Стефан Марковски

7 јануари 2020 - 12:52