Ѕвездени каматни стапки

Сте се возеле ли на први јануари по Скопје? Како да си на плејстејшн и тоа некаква демо верзија, без непотребни детали во форма на луѓе и други превозни средства. Скопјаните се најголемиот товар на овој град. Без луѓе, Скопје се претвора во сосема пристојно место за живеење.

Немам јас ништо против тоа што деновиве сте биле во Атина, Банско, Маврово, Крушево, Златибор, Фиренца или Малдиви. Таман работа. Оно, што се вика, убаво за вас. Само, треба да знаете дека останувањето во Скопје за Нова Година е, што би рекле копиљаците, права шема. Благодарејќи на серија несреќни околности, јас останав тука и сè уште не ми се верува дека поминав толку феноменално. Вакви халуциногени празници немаше да видам ниту да имав уплатено шведска маса во хипи шаторот на Тимоти Лири.

Елем, на 31 декември моето тело трокираше. Онака прописно, како Фиќо тргнато на галичка свадба. Џабе да ставаш штичиња, џабе да бараш крпче да го одвртиш хладњакот за да му дотуриш вода. Доцкан. Што од лутата серија во која упаднав од Свети Никола па наваму, што од некои други неплатени сметки „през годината”, мојот биос едногласно реши да дигне рачна. „Доста беше брате, сега малку ти ќе ме тинтраш,” соопшти хардверот на горенаведениот датум. Остатокот од мене послушно кимна со главата.

За среќа, крахот на мојот здравствен индекс не ми ги расипа плановите за Нова Година, бидејќи такви и немав, благодарејќи на мојот претприемчив организациски дух кој веќе на 28 декември и тоа во доцните вечерни часови почна латентно да размислува за евентуални туристички аранжмани и по дома да се рапрашува: „Стварно бе, што правиме за Нова Година?” Како точка на латинично „и” ми дојде фактот што баш тие денови некако успеав да го испогубам мобилниот телефон што ми пружи прекрасна можност битката меѓу моето нездраво тело и – следствено на тоа – исто таквиот дух да ја мониторирам во атмосфера на аутистичка издвоеност од светот.

Екселент! Со денови тонев во креветот сонувајќи ги најзаебаните сексуално-политички комбинации, лудото јаве го онаквуваше збунетиот сон, набабрениот целзиус ме ничкосуваше во хоризонтала, а помислата на сармата ме дигаше на нозе; со крцкави коски тргнував на аџилак кон монтираната софра на која аспирините рамковно се избориле за правична застапеност по што им се враќав на заводливите сирени заплеткани во изгужваната постелнина дозволувајќи им звукот од петардите да ми го протолкуваат како нова битка за Арачиново, а новогодишното одбројување да ми го завиткаат во примамливо сценарио за неповратно лансирање на Бранко во вселената. По некое време повторно станував и го повторував ритуалот, или можеби сонував дека го правам тоа, сеедно.

Добри парчиња беа и оние кога морав да излезам од дома, колку да тркнам до некоја дежурна аптека за да го обновам таблетоидниот ордевер. Јануари жестоко ме рециклираше со своето студенило додека шарав со аутото по градот кого Дејвид Линч го имаше испразнето специјално за мене. Сте се возеле ли на први јануари по Скопје? Како да си на плејстејшн и тоа некаква демо верзија, без непотребни детали во форма на луѓе и други превозни средства. Скопјаните се најголемиот товар на овој град. Без луѓе, Скопје се претвора во сосема пристојно место за живеење.

Додека ги тркалав ваквите евтини мозгања, веќе бев повторно дома, над чашата со варено вино. Циметот и каранфилчето еротски се мешаа со етеричните испарувања на стандардните теве програми. Толку непознати луѓе ми посакаа здравје, успех и среќа што не ми беше чудно тоа што веќе ме имаше фатено малер. Истоветноста на новогодишните програми ме доведуваше во ужасна трилема дали сум влезен во зона сумрака, зона занфирова или зона бунарџик. Славење на плоштад, па атмосферата во рестораните, па првото бебе во новата година, па прилог од токсикологија, па огномет од Њујорк, Сиднеј и Москва...

И неизбежните астролози. Еден од нив на вести мртов ладен ни соопшти дека 2004 година е добра година за, со негови зборови „добивање странски кредити со поволни каматни стапки”!? Во кое ли соѕвездие го прочита ова, мајчин тој? Каде побогу на небесниот шир го пишува ова за поволните каматни стапки во 2004-та? Меѓу редови? Зошто и нас не нè научат како тоа Венера влијае врз должината на грејс периодот и како да ја одредуваме есконтната стапка од моменталната позицијата на Марс лично?

Штета што креветските сеанси не ми дозволија систематско ѕверење во екранот па сега не знам дали и годинава ги имаше моите омилени новогодишни тв форми: поздрави и честитки од фирми кога пеачката цепа народно додека лепрша меѓу фабричките погони и оние музички емисии снимени во кафана кога певаљката шара меѓу масите, а присутниве се принудени да потпевнуваат со неа, да држат такт со рачињата и да се прават дека страшно се забавуваат. Нејсе. Таман секуларно забегав во најтенките цивилни финеси, а оно веќе дошло ред за рисјанските празникувања. Десеткуваните редакции се принудени дежурните новинари кои обично покриваат војска или полиција да ги претвораат во богобојазливи егзегети кои треба да ни ги протолкуваат најсуптилните симболички седименти на актуелните адети. Како бадничето ја симболизира топлината на домот, а како варената ракија е предвесник на испуканите капилари на носот.

И оние коледари, да му се невиди! Секоја година се сè погласни и понеподносливи. Овојпат издржав. Решив годинава да ја почнам со добро дело. И не им отворив, за нивно добро. Туку, веќе заздравувам. Нема друго чаре, ќе морам јас да тркнам до продавница. Планирам да земам нешто на рабуш. Од кај да знаеш, може има нешто во она за поволните каматни стапки?

Трендо

7 јануари 2020 - 13:25