Немтур детекшн

Зошто луѓето на старите портрети не се смеат?

До 17-тиот век во Европа единствените луѓе кои имале широка насмевка, како во животот така и во уметноста, биле сиромашните, разузданите, пијаните, и оние кои ги забавувале масите. Зошто?

Во текст за The Public Domain Review, Николас Џивс ја истражува историјата на насмевката во портретирањето, од Мона Лиза до портретната фотографија на 19. век.

Денес, вели тој, кога се местиме за фотографија, обично се насмевнуваме. Ова е културниот и социјалниот рефлекс на нашето време, и тоа е она што го очекуваме од еден портрет. Но во долгата историја на портретирањето широката насмевка била во најмала рака демоде, или пак отворено се презирала. Уметниците главно прибегнувале кон прикажување на нешто кое е најблиску до „смешкање". Тоа им давало можност за неодреденост која остава поголем впечаток отколку отворено „кезење" - емоции кои варирале од флерт, здодевност, нелагодност до срам.

Милиони зборови се посветени на Мона Лиза и нејзината таинствена насмевка. Сфуматото (ефектот на замаглување) кое го користи Да Винчи прави на прв поглед таа да ви изгледа заводливo, но на втор поглед, кога фокусот ќе се изостри, таа изгледа како да се премислила.

Постои уверување дека стотици години луѓето не се смееле на слики бидејќи забите им биле генерално грозни. Но ако ова било вистина тогаш лошите заби биле толку вообичаени што тоа не морало нужно да одзема од нечија привлечност. Извесен лорд Палмерстон, премиер на кралицата Викторија, често бил опишуван како ептен згоден, и покрај тоа што му фалеле повеќето заби како резултат на несреќи при лов. Дури подоцна во животот, кога ставил вештачки, почнале да го зафркаваат. Неговиот страв од тоа дека ќе му паднат го терал да прави паузи во говорењето, што било причина за вицеви во Парламентот.

Сепак, причината за несликањето насмевки лежи во нешто друго - во фактот дека тоа е тешко да се направи. Кога некој позира за сликарски портрет нема шанси постојано да држи една и иста насмевка, па ако таа се црта според накнадна замисла на сликарот може да делува вештачки и нескладна со останатите црти на лицето.

Насмевката исто така има и бројни „дискретни" културни и историски значења - покажувањето на забите за високите класи до 17. век во Европа претставувало кршење на бон-тонот, веројатно затоа што човек што се смее со отворена уста според нив повеќе личел на животно со отворена челуст отколку на цивилизиран благородник. Ова сфаќање се одржало и кога сликарските четки ги замениле фотоапаратите. Марк Твен, на пример, во едно од неговите писма, напишал дека фотографијата е најзначајниот документ, и дека нема ништо полошо од тоа на потомците да им оставиш глупава, бесмислена насмевка, фатена и фиксирана засекогаш.

Смеата значи асоцирала на нескротени нагони, пониска класна припадност и неразумност - карактеристики кои ниту еден сериозен човек не сакал да се смета дека ги има. Особено не ако е политичар. Така, Абрахам Линколн, кој исто како и Марк Твен бил познат по неговата смисла за хумор, на портретите е здрвен до бесвест.

Единствен исклучок во сликарското портретирање на смеата се холандските сликари од 17. век. Таков е Ван Хонтхорст, чија слика „Насмеаниот виолинист" сликарски е инспирирана од стилот на Караваџо, но ги преминува границите на тогашниот (а богами делумно и на сегашниот) вкус, со тоа што не само што виолинистот слатко се смее, туку и некому му го покажува и нам разбирливиот гест со раката. Така, насмевката не е израз сам по себе, туку дел од една поширока, сосема човечка реакција.

Денес дури и најсериозните помеѓу нас се обидуваат да исцедат од себе насмевка на сликите, за да не бидат обвинети за немтурство. Особено, и често вештачки, се смеат политичарите. А на фото-апаратите дури и има опција за регистрирање насмевки (smile detection) - нешто на што споменатите намрштени историски личности сигурно би се насмеале.

23 септември 2013 - 21:49