Зошто кога паѓа снег е тивко?

Зимската идила со натрупан снег и со по некое диво животно во далечината е чест мотив во сликарството, книжевноста, филмовите и гоблените. Но дури и сред град, кога ќе падне снег е некако мирно. Само ни се чини или навистина сè се стишува?

Првото логично објаснување во однос на аудио ефектот на стишување кога паѓа снег е дека снегулките им застануваат на патот на звучните бранови, и ги загушуваат вообичаените звуци. Тоа навистина се случува, но сепак нема некое големо влијание, бидејќи снегулките се прилично мали споредени со должината на звучниот бран. Ова особено важи за ниските, басовидни фрекфенции кои речиси и да не се повлијаени од снегот, додека високите се нешто поразретчени, но не до толку за да се каже дека целосно исчезнале.

Науката за акустиката го објаснува овој феномен преку два елемента. Првиот е начинот на кој звукот се апсорбира од различни видови површини. Оние кои во нив имаат мали дупчиња се поефикасни во таа работа, заради што студијата за снимање обично ги покриваат ѕидовите со цврсти сунѓерести површини. Истото важи и за натрупаниот снег - тој содржи дупчиња низ кои во него влегува воздух, па така кога звукот ќе ja допре снежната површина тој се „впива“ пред да пристигне до нас, со тоа намалувајќи ја и својата јачина, и трајноста (реверберацијата).

И ова е само дел од приказната. Другата има врска со температурата на воздушните маси над нас. Звукот има тенденција да се движи кон постудениот воздух, бидејќи тој е погуст и низ него звукот патува побавно. Кога паѓа снег вообичаено има потопол воздух близу површината и студен погоре. Ова прави звукот да „бега“ нагоре, пред воопшто да го чуеме.

Сите овие ефекти заедно прават прерасна, спокојна и буквално замрзната атмосфера, во која додуше полесно се ужива некаде на планина, отколку чекајќи автобус на ладно.

27 февруари 2018 - 11:55