Зипуван Букбокс

За оние кои ги интересира како е „зад сцената“ на оваа рубрика, да откриеме - често се случува да се трупаат теми и вести за кои би сакале да пишуваме, а или не стигнуваме, или во меѓувреме искрснува нешто поинтересно. Но денес се инспириравме како барем привремено да го решиме овој проблем.

Во рубриката Македонштина на сајтов денес беше објавено ова информативно хаику:

Ова ни даде идеја како да си ја зачистиме апликацијата „Покет“ во која трупаме интересни линкови (инаку бесплатна и корисна), со тоа што ефикасно ќе ве информираме, а нема да ве замориме со „чаршафи“ текстови кои можеби не стигнувате ни да ги дочитате.

Еве како би изгледал еден таков зипуван Букбокс.

Лондон повикува: отворена изложба посветена на славниот албум на Клеш

Во Музејот на Лондон до пролет 2020 ќе биде отворена бесплатна изложба по повод 40-годишнината од антологискиот London Calling.

Во неа е вклучена е и искршена бас-гитара на Пол Сименон.

Најпознатиот непознат интелектуалец на 19-тиот век

Германецот Емил ду Боа-Рејмонд ги истражувал мистериите на свеста, ја промовирал теоријата на природната селекција, и направил исклучителни откритија во сферата на нервологијата.

Денес е заборавен.

Како да бидеш диктатор?

Нова книга од холандскиот историчар - специјалист за модерна Кина, Франк Дикотер, анализира што ги поврзува Мао, Мусолини, Сталин и Хитлер.

Според него денешните „диктатори“ не можат да им се фатат на мал прст на нивните претходници.

Трактат од 1699 за најдобриот начин да се направи салата

Џон Евелин е автор на водич за радоста на живеењето без месо, под наслов „Ацетарија, или размислување за салатите“ во која месојатците ги нарекува „сурови мачители на безопасни суштества, заради хедонизам“.

Евелин не бил вегетаријанец.

Ќе има мјузикл „Моби Дик“

Во декември Американскиот репертоарски театар при Универзитетот Харвард ќе изведе адаптација на славниот роман, која ќе вклучува блуз, џез, и снимени песни на китови.

„Ахаб кајче веслаше“ - предлог-наслов за наша верзија.

Како се хранел Моне?

Импресивно добро.

Додадена уште една книга во збирката која ќе биде објавена дури во 2114

Добитничката на Меѓународниот Букер за 2016, Хан Канг, е авторка на петата книга која ќе биде заклучена идните 95 години, во склоп на проект под наслов „Библиотека на иднината“ (за кого пишувавме тука).

Со повеќе информации, тогаш.

27 ноември 2019 - 17:56