Денес не ни купувајте ружи, гушнете нè

Живееме во криза на допирот

Кај нас уште владее порелаксиран говор на телото, кој подразбира дека не е страшно ако држиш некого за надлактица додека му зборуваш, или ако некој те гушне а не сте нешто многу блиски. Дури и непознато дете да погалиш по глава (во присуство на родителот) може некако да пројде. Ама во други контексти сето ова предизвикува скандали. „Аман бе луѓе, допирајте се!“, советуваат психолозите, кои велат дека последиците од отсуство на човечки допир може да бидат погубни по менталното здравје.

Различни култури имаат различни аршини за тоа што претставува допирот, за тоа кој, кога и колку треба некого да гушка, тапка по рамо или фаќа за рака, и каде се границите на општествено (не)дозволеното. Иако македонската, како дел од балканската култура, се уште е малку полиберална од „западните“, ако човек помисли кого допрел во последно време вон фамилија или интимна врска ќе испадне дека допирите се сведуваат на медицински прегледи или неволно туркање во автобус. Особено во време кога на сите ѕвона се зборува за сексуално вознемирување, чија лесно растеглива дефиниција може да вклучи и допири кои во ниту еден момент немале намера да бидат такви - сексуални - човек си ги прибира рацете в џеб, и едноставно одбегнува физички контакти за кои после треба да се објаснува. 

Допирот е првото сетило кое човекот го развива уште во матката, и го поседуваат дури и 1,5 цм долги ембриони. Но некаде во младоста, она што ни доаѓало инстинктивно како деца, почнува да се претвора во непријатно и неприфатливо.

Текст во Гардијан на оваа тема укажува на неверојатна актуелна промена на допирот, која нема врска со адолесцентското прифаќање на сопствената и туѓата сексуалност и нелагодноста од истото, туку со безбројните начини на кои допирот со сила, законски или затоа што „така треба“ се истиснува од нашите животи.

На пример во Британија, минатиот месец докторите биле предупредени да одбегнуваат тешење на пациентите со гушкање и допирање, за да не поттикнуваат тужби за истото. Негувател(к)и на деца исто така се уплашени да гушкаат деца кои им се дадени на чување. Во САД извидничките минатиот декември предизвикаа скандал кога им порачаа на оние родители кои ги тераат своите ќерки да гушкаат роднини да престанат да го прават тоа, затоа што „тие не должат гушкање никому“. Истовремено, во таа иста Британија, се шири епидемија на осаменост, а половина милиони постари луѓе по цела недела ниту гледаат некого, ниту пак некој ги допира.

Како последица на ова почнува да цвета „индустрија на допирот“, во која професионални „гушкачи“ одржуваат работилници, забави и сесии еден-на-еден за да ги утешат оние на кои им недостасува допир. Во фирма која се вика „Дојди да те гушнам“ од Портланд, Орегон, клиентите можат да бираат од „мени“ кое се состои од 72 „пози“, како Алигатор, Мама мечка и Тарантино. Во Јапонија се развиени столици и перници кои го обвиткуваат потрошувачот во една голема прегратка.

Според Франсис МекГлоун, професор по невронаука во Универзитетот Џон Мурс во Ливерпул, и експерт на полето на афективниот допир, ние го имаме демонизирано допирот до ниво на кое тој предизвикува хистерични реакции и поттикнува покренување судски процеси, а таквиот недостаток на допир не е добар за менталното здравје. Тој има слушнато за примери каде наставниците им велеле на децата сами да си стават завој на рана, не сакајќи да ризикуваат поплака.

Допирот се смета за едно сетило, но всушност е многу посложен феномен. Некои нервни завршетоци препознаваат чешање, други вибрации, болка, притисок и текстура. А еден постои само за да препознае нежно галење. Наречени „Ц тактилни аференти“ , тоа се класа нервни влакна кои МекГлоун ги има проучувано со години. Според истражувањата, оптималната брзина на човечко галење, кое ги активира посакуваните нервни влакна, е 3 сантиметри до 5 сантиметри во секунда. И ова не мора да го мерите - шемата на тоа колку бргу го гали мајката (добро, и таткото) детето е токму таа, вградена во родителите во тек на 30 милиони години еволуција. 

Ова нервно ткиво е одговорно за голем број аспекти на нашата благосостојба. МекГлоун него го нарекува Хигсов бозон на социјалниот мозок - честичката која недостасува а која спојува сè што е социјално. Еден единствен допир може да промени нечиј живот. Принцезата Дијана го знаеше ова кога ја држеше раката на пациент кој умираше од сида во 1987. Допирот го зголемува имунитетот на организмот, го активира серотонинот, природниот антидепресив и овозможува подлабок сон.

Уште побазично, допирот ни кажува кои сме, дека имаме тело, а дека она друго тело кое нè допира е друга личност, друг човек. Ова уште во матката создава свест за „јас“ наспроти „другите“. Но она што најчесто го допираме денес се телефонските екрани, а не другите луѓе. Испраќаме виртуелни „гушки“, бакнежи и допири, кои не можат да го симулираат физичкото искуство. Се обидуваме да го надоместиме тоа со купување „мекички“ работи (сте забележале дека некако станаа модерни?), теписи, ќебиња, папучи, шалчиња. А потсвесно, всушност сè што ни треба е една голема - гушка.

8 март 2018 - 14:55