Жан-Мишел Жар издаде „бесконечен“ албум

Насловот е „Еон“, специјално програмирана апликација за ајфон, која произведува динамичко парче музика, такво кое постојано еволуира.

Новиот албум на „таткото на електронската музика“, е сочинет од седумчасовен материјал компониран, изведен и снимен од Жар во неговото студио. Секој пат кога се пушта апликацијата (во моментов достапна само за ајфон) таа ги реорганизира акордите, ритмите и мелодиите на нов начин, користејќи сложен збир правила за градење на музиката, така за таа да биде и слушлива, но и да изненади.

„Еон ќе постои и по мојата смрт. Може да се приклучи на соларен панел и тогаш ќе свири засекогаш“, вели Жар, кој и на 70 делува младолико. Сепак признава дека не е првиот кој експериментира со „генеративна“ музика. Апликацијата Блум, на Брајан Ино, опишана како „звучно-визуелна градина“ која тој ја изработи заедно со Мајкрософт (и за која подетално пишувавме тука), е стара веќе 11 години. Но она по што се разликува проектот на Жар е што тој е конципиран како албум, со одделни песни и богата палета расположенија и темпа (плус визуелизации), односно не претставува апликација која генерира линеарна, амбиентална музика. При првото пуштање може да се почне со техно ритам, за при следното на самиот почеток да има гудачки квартет. Плус секоја поединечна употреба генерира посебна верзија, и ниту една не е иста со другата.

Во оваа фаза на неговата кариера, со продадени на 80 милиони албуми и автобиографија која е во изработка, на Жар би можело да му се прости и ако гледа наназад, а не нанапред. Но уште од 1976 кога го подготвувал антологискиот „Оксижен“ во неговата кујна, само со куп аналогни синтисајзери и миксета, се опседнал со технологијата. Следен негов проект е „соработка“ со вештачка интелигенција - со Сони ќе прави албум „асистиран“ од неа.

Aпликацијата може да се симне тука за 9.99 евра

8 ноември 2019 - 08:17