Запознајте го кинескиот Артур Кларк

Еден научно-фантастичен роман од најпопуларниот кинески автор од овој жанр е преведен на англиски. Тоа е можност да се проценат културолошките разлики во пишувањето СФ, кои можат да доведат и до такви живописни приказни во кои сиромашен кинески селанец талка низ вселената рака под рака со Стивен Хокинг.

Зиксин Лу е најплодниот и најпопуларниот научно-фантастичен автор во Кина, кој пред да почне да се занимава со пишување работел како софтверски инженер во електро-централа. Има 51 година и тринаесет книги, кои во родната земја му донеле слава којашто ја споредуваат со онаа на Вилијам Гибсон во САД. Тој самиот пак вели дека најголема инспирација му е Артур Кларк. Неговата најпопуларна книга „Проблемот на три тела", која во Кина е продадена во дури 400,000 копии, неодамна е преведена на англиски од американскиот научно-фантастичен писател Кен Лу. Истовремено, во Кина по дела од истиот автор во моментов се снимени или се снимаат дури пет филма.

Во романите на Лу една црна јама со маса од дванаесет милјарди сонца е нешто што кинеските инженери би можеле да го создадат - за милијарда години од сега, кога кинеските свемирски летала се насекаде низ универзумот. Ако американската научна-фантастика во голема мерка црпи од американската култура, па замислената иднина на човештвото често изгледа како американското минато, приказните на Лу се потпираат на поинакви извори. Голем дел од „Проблемот на трите тела" е лоциран за време на кинеската културна револуција. Во „Судирите на човештвото" посетители од космосот бараат редистрибуција на богатството на Земјата, и објаснуваат дека дивиот капитализам речиси ја уништил нивната цивилизација. Во „Грижејќи се за боговите" хипер-напредните вонземјани кои пред милијарди години го конструирале животот на Земјата се враќаат на неа со нивните летала - излегува дека се старци со бастуни и долги, бели бради. „Се надеваме дека чувствувате синовска должност кон вашите предци и дека ќе нè пуштите кај вас", велат тие. Тешко е да се замисли современ научно-фантастичен автор од западот кој вметнува мотиви за „синовска должност" во неговите дела.

Но покрај културолошките разлики, романите на Лу се исклучителни и по една друга карактеристика - тие се поучни приказни за човечкиот напредок. Така, романот „Сонцето на Кина" следи млад селанец по име Кван, кој е на работ на опстанокот заради суша. Тој заминува од селото и најпрвин наоѓа работа во рудник, потоа во блискиот град чисти чевли, за на крај да се пресели во Пекинг каде работи како чистач на прозорци на облакодери. Тогаш приказната се префрлува во иднината - Кина конструирала огромно огледало во вселената коешто го нарекла „Кинеско сонце" и го користи за да ја контролира климата. Ликов добива работа да ја чисти рефлективната површина на сонцето, и се спријателува со - Стивен Хокинг, кој живее во орбитата, каде малата гравитација му помага да си го продолжи животот. Тој го подучува на законите на физиката и го инспирира да замине на мисија во еден правец за истражување на меѓуѕвездениот простор. На крајот од приказната, прогресот на Кван е одраз на човечкиот прогрес - минување огромно социјално и материјално растојание, кое не е ништо во споредба со она што допрва нè очекува.

Има, додуша, и мрачни тонови во прозата на Лу, особено такви кои со прст покажуваат на алчната (западна?) цивилизација како извор на злото, којашто треба да биде заменета со „самодоволна, интроспективна цивилизација". „Сè завршува", вели тој во мејл до уредникот на Њујоркер. „Земете на пример една романтична приказна - 'Љубовниците живееле среќно до крајот на животот' се смета за оптимистички крај. Но што ако додадете дека сто години подоцна обајцата се мртви, дали тоа ја претвора приказната во песимистична? Само научната фантастика може да оди во тие далечни 'сто години подоцна' во размер на универзумот".

9 март 2015 - 08:42