За да бидеш подобар човек, треба да знаеш да се засрамиш

Кант сметал дека моралното образование е „хидрауличен“ процес - срамот ни ги потиснува пороците, и прави простор за да се издигнат нашите доблести. Ова особено ефикасно функционира кога сме соочени со примери кои нè засрамуваат со својата морална исправност. Како тоа - кои примери?

Засраменоста која ја чувствуваме кога во споредба со некој друг не покажуваме доволно квалитет, самопрегор или жртва може да биде голем поттик да станеме подобри луѓе. Ако чувството е доволно силно, и ако имаме и реален човек на кого да се угледаме, тоа може да ни го промени однесувањето на неколку минути, денови, недели, па дури и доживотно. Таа промена според Луиз Чепмен, коментаторка на Аеон, може да се нарече „морална хидраулика“.

Процесот функционира на следниов начин: намалувањето на една желба во затворен систем причинува пропорционално зголемување на друга. Платон го имал сфатено ова многу буквално, кога ја опишувал меѓусебната врска помеѓу различните мотивациски стремежи. Но германскиот филозоф од 18 век, Кант, го користи како соодветна метафора за опишување на принципот на функционирање на реалните психолошки сили. Според него, потиснувањето на себичните интереси ги отстранува, или барем ги намалува, пречките за остварување на некое повисоко добро.

Ваквото потиснување е особено ефикасно кога сме соочени со морални примери, кои не ги донесуваат одлуките во наше име, но морално нè издигнуваат, предизвикувајќи ни срам, самопрезир кон сопствените лоши страни. Така стануваме попонизни, не мислиме полошо за себе, но мислиме помалку на себе - стануваме помалку фокусирани на нашето „јас“, а повеќе на она што им го должиме на другите.

Доколку процесот на засрамување и понизнување (различно од понижување!) успее, тогаш надворешни примери на моралност веќе не се потребни за да продолжи моралниот напредок. Револуционерната промена на карактерот е постигната, со повнатрешнување на моралниот пример. Така, следниот пат кога ќе се слушне продорниот глас на категоричкиот императив, доблесноста ќе се активира без голем напор, речиси инстинктивно.

11 септември 2019 - 14:46