Во друштво е повесело: уметничките „тројки“

Нова изложба во галеријата Барбикан во Лондон под наслов „Модерни парови“ претставува уметници и писатели кои биле истовремено и љубовници и креативни партнери. А понекогаш броеле повеќе од двајца.

Бранџелина, Кимње, Хилдсвифт, од Бред и Анџелина, Ким и Кање, Хилдстоун и Свифт - ваквите комбинации делуваат како измислица на 21 век. Но денешните славни парови (кои баш и не се некоја креативна спрега, туку повеќе храна за таблоидите) можат вода да им носат на некои од уметничките парови од минатото. Поточно тројките.

РаЈаМа е амалгам од имињата на Пол Кадмас, Џаред Френч и Маргарет Френч, уметници кои од 1937 живееле и твореле како ménage à trois, и тоа цели 20 години. Нивната е една од помалку познатите приказни вклучени во новата изложба во лондонскиот Барбикан, организирана во соработка со Центарот Помпиду-Мец од Франција. Таа ги испитува креативните партнерства од првата половина на 20 век, претставувајќи повеќе од 40 парови (стеснет избор од повеќе од 200 вакви примери), и тоа од областа на визуелните уметности, сликарството и книжевноста.

Иако во насловот на изложбата стои зборот „парови“, кураторката Џејн Елисон објаснува дека во случајов тој се користи како „еластичен термин“, и покрива и тројки, некои од нив „тивки“ а други отворени и провокативни, како дел од радикалниот уметнички чин, кој се прелева и во животот.

Триото PaJaMa се сретнало во Њујорк на некаква студентска изложба. Пол Кадмус кој сликал стилизирани хомоеротски сцени и Џеред Френч, исто така фигуративен сликар, станале љубовници. Џеред се оженил со Маргарет во 1937, но тоа не ја прекинало нивната врска, туку само се проширила, а свој израз нашла и во заеднички направените фотографии.

Нивните дела се поврзани со Фајр ајленд, остров јужно од Лонг ајленд, кој во тоа време веќе бил некој вид „геј енклава“. Фотографиите на триото се понекогаш надреални, игриви, атмосферични, секогаш со елегантно осмислени пози. Понекогаш голите тела се покриени со крпи или листови, понекогаш не. Се сликале едни со други, но ова било главно приватен проект, кој се споделувал само внатре ограничен круг пријатели. Сè до моментот кога нивната уметност била откриена, во 1980-тите.

Отворените врски во стриктните политички режими биле и протестен чин. Така, авангардните руски уметници сметале дека моногамниот брак е прилично „буржујски“, па правеле сè за да одат контра воспоставените норми.

Така, кога Осип и Лилја Брик го виделе Мајаковски како чита песна на забава во 1915, објацата се заљубиле во него. Всушност, кога Осип слушнал дека неговата сопруга спиела со поетот, тој не само што не се лутел, туку изјавил: „Па нормално, како може нешто да му се одбие на таков маж?“. Издавач и писател, Осип го поддржал Мајаковски како поет, но и повеќе од тоа. Го примил дома, и тие живееле како тројца следните 15 години, до самоубиството на Мајаковски во 1930, на само 36 години. Лилја истата година се развела од Осип. Во текот на нивниот заеднички живот сите тројца имале и други љубовници, но сепак не биле имуни на напади на љубомора, особено кревкиот Мајаковски кој ѝ има посветено неколку песни на Лилја, полни со огорченост што ја дели со некој друг.

Изложбата во Барбикан ќе биде отворена до 19 јануари

Претходно: Групата Блумсбери или како Вирџинија Вулф и пријателите ја зезнале британската морнарица

9 ноември 2018 - 08:41