Вистинската причина за самоубиството на Хемингвеј - девет потреси на мозокот

Досегашниот консензус помеѓу психијатрите беше дека Хемингвеј се самоубил како резултат на биполарно нарушување, или пак дека само премногу пиел. Нова книга тврди дека славниот автор страдал од хронична трауматска енцефалопатија.

„Животот на Хемингвеј се карактеризира со драматично темпо и големи пресврти, невообичаени за просечниот книжевник“, напишал секретарот на Нобеловиот комитет во говорот при доделувањето на наградата во 1954. „Тој исто така поседува херојски патос кој е основниот елемент на неговото познавање на животот, на мажествената љубов за опасност и авантура помешана со природниот восхит кон секој поединец кој води добра битка во свет, засенет од насилство и од смрт“.

Хемингвеј не бил присутен на доделувањето. Претходно истата година тој и неговата сопруга преживеале ни помалку ни повеќе туку две авионски несреќи, кои довеле до тоа некои весници по грешка да објават негов некролог. Имал сериозни повреди, вклучително и фрактура на черепот кој предизвикал протекување на мозочна течност од увото. Хемингвеј поминал голем дел од следните седум години во лошо здравје и пишувајќи сосем малку, пред да си го одземе животот во јули 1961.

Проучувачите на неговиот лик и дело долго време се обидуваат да откријат како дошло до ваквиот трагичен крај. Една нова книга под наслов „Мозокот на Хемингвеј“ од психијатар од Северна Каролина Ендрју Фара (Andrew Farah) тврди дека авионските несреќи биле само последните во серијата предизвикувачи на потреси на мозок, кои авторот ги имал во поголем број во текот на животот, што предизвикало да страда од хронична трауматска енцефалопатија, односно дегенерација на повредениот мозок.

Оваа „дијагноза“ може да фрли нова светлина врз животот на овој автор, кој е често предмет на мачо романтизирање, минат во децении тепачки, авантури и пиење. Повторливите повреди направиле кумулативна штета, па до времето кога тој наполнил педесет години неговите мозочни клетки веќе биле толку оштетени што им немало чаре.

За потврда на оваа своја претпоставка, Фара барал докази не во делата на писателот, како што тоа го правеле повеќемина негови претходници, туку во коресподенцијата на Хемингвеј која неодамна беше објавена како дел од проект раководен од неговиот син, во спомените на неговите пријатели и семејството, како и во досието кое за него го водело Еф-би-ај. Во сите овие материјали има јасни симптоми на параноја, и други психијатриски пореметувања кои тој ги покажувал во последните години од животот, а кои се често опишувани кај поединци со синдром на трауматска енцефалопатија.

Врз основа на овие извори, Фара документирал најмалку девет големи потреси на мозокот кои ги преживеал Хемингвеј, заради занимавањето со бокс и рагби, експлозиите во текот на двете војни и автомобилските и авионските несреќи кои ги преживеал. Последните години од животот тој станал само сенка на своето претходно јас, бил нерационално насилен и лесно се иритирал, а што е најлошо, сосема ја загубил способноста да пишува.

Кога неговиот пријател А. Е. Хотчнер го посетил Хемингвеј во болница и загрижено го прашал зошто постојано вели дека ќе се убие, Хемингвеј му одговорил: „Што се случува кога еден маж со полни 62 години одеднаш сфаќа дека никогаш нема да ги напише книгите и расказите кои си ветил дека ќе ги напише?“. Следниот месец се убил со пушка.

Секако, Фара не тврди дека повеќекратните мозочни удари биле единствената причина за самоубиството. Има тука и генетски и семејни фактори, алкохол и депресија. Но Хемингвеј едноставно не можел да се помири што заради сето ова страдала неговата мисла - главната алатка на неговата уметност.

4 мај 2017 - 17:56